речник контакт

Хидрантската мрежа и тесните велешки улици проблем при гаснењето на пожарите

Во градот има 57 хидранти, но лошо се теренски распоредени. Догодина ќе се постават нови 40-тина но не само во стариот дел, туку и во Керамидна

Петар Печков

         Недостаток на хидрантска мрежа е сериозен проблем при гаснењето на пожарите во Велес.  За овој недостаток  по велешките улици, посочија пожарникарите, по последниот голем пожар, кој во  четвртокот попладне, пеплоса куќа до темел. Таа се наоѓаше во старото градско јадро, во месноста Мегдан, каде  поради тесните улици, лошо паркираните автомобили, пожарникарите мака мачеа да стигнат до  куќата на Јовановски која беше во пламен.  

Во одредени делови на градот нема хидрантска мрежа, па во последниот случај  моравме 250 метри   сериски да поврзуваме  црева, за да стигнеме до куќата и го гаснеме пожарот.   Примарно во вакви случаи е да се сочуваат околните куќи, да  не ги зафати огнот и  нив а во тоа успеавме - вели  Љупчо Лепидовски командир на ППЕ од Велес.

Така пожарот кој бил на Мегдан, се гаснел со вода, која била носена од возила кои се наоѓале пред основното училиште Св. Кирил и Методиј, повеќе стотини метри оддалеченост.  Слична беше ситуацијата кога летово изгоре куќа на Којник, зимово во Дворови. Пред тоа куќата на Габерови, која се наоѓаше на листата на заштитени културно добра ја снема, пожарот ја уништи. Со ист проблем пожарникарите се судруваат во  новата населба Керамидна.  

Во сите овие  случаи, но и многу други, се појавуваше проблемот со  тесните улици кои  не дозволуваа габаритните противпожарни возила, навреме да стигнат до пожарот и тој лесно да се гаси и ликвидира.  Секогаш  се бара помош од полицијата, која треба да ги  најде сопствениците, кои треба да ги отстранат паркираните автомобили по велешките сокаци.    

При последниот пожар  кај Мегдан, среќна околност е што тој ден немаше погреб на гробиштата од црквата Св. Пантелејмон, бидејќи поради блокираниот сообраќај ниту починатиот ќе беше пренесен, ниту неговите  блиски ќе стигнеа  на погреб. Градоначалникот најавува поставување на нови хидранти, со цел  можност за снабдување со вода за возилата.

Во Велес имаме 57 хидранти. Во наредната година ќе поставиме нови, и во   градот да има вкупно 100. Не можеме пред секоја куќа да имаме хидрант, но ќе се обидеме да го покриеме поголемиот дел на Велес, стариот дел но  и населба Керамидна. Тука се најголемите проблеми за стигнување на противпожарните  возила  до секоја куќа - изјави Чадиев.   

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »