Петар Печков
Објавено: петок, 24 јули 2026
Хотелот Вила Зора не е можно да се користи како старечки дом, покажале испитувањата на надлежните од Министерството за труд и социјална политика. Нивните наоди го соопшти градоначалникот Марко Колев. Ова доаѓа откако зимава во инспекција беа претставници од Министерството заедно со претставници на локалната власт.
„Мојата желба и на претставниците на локалната власт беше хотелот Вила Зора да биде пренаменет во старечки дом. Имаше заинтересирани кои дојдоа и ги видоа можностите. Врз основа на законските и подзаконските акти и правилници, таму нема услови кои се потребни а објектот не ги исполнува. Имаме тесни ходници, не доволно големи лифтови, ова се дел од недостатоците. Имаше посета да се види што дали може нешто да се преуреди. Но за такво нешто ако се стори, се задира во статиката на објектот и затоа не е можно да се извршат никакви градежни зафати. Има неколку одобренија пред отпочнување на градба, за приватни старечки домови. Разгледуваме опција и за поранешното ОУ Јордан Хаџи Константинов Џинот. Познато е дека таму ќе има клон на детска градинка, па делува симпатично во иста зграда да бидат и деца и повозрасни лица, тоа е тренд во светот“ – рече Колев.
Во Македонија има пет јавни домови: ЈЗУ Геронтолошки завод „13 Ноември“ со 111 легла, „Зафир Сајто“ – 197 легла, „Киро Крстески Платник“ – 150 легла, „Сју Рајдер“ – 150 легла и „Д-р Иван Влашки“ – 67 легла.
„Основниот проблем на старечките домови е недостигот од стручен кадар“, истакнуваат од Министерството за труд и социјална политика.
| Tweet |




