речник контакт

Хрватот Мазија, научникот кој го откри вирусот што убива рак

По објавувањето на оваа вест, во Хрватска од каде се докториет, луѓе добролно се јавувале за да се тестира вирусот

Петар Печков


Хрватски тим научници успеа да изолира вирус што кај живината предизвикува смрт, а на луѓето би можел да им помогне затоа што ги уништува канцерогените клетки. Откритието пристигна од Ветеринарниот факултет во Загреб што веројатно внесува дополнителна забуна во тоа како би требало да започне потребната процедура, вакцините или лековите кои го содржат спасоносниот вирус да почнат низ клинички испитувања да се применуваат и на луѓе.

Професорот Хрвоје Мазија и неговите колеги, прим. др. Динко Човиќ и др.Синиша Иванковиќ го заштитиле и патентирале вирусот ЗГ1999ХДС кој ги уништува сите канцерогени клетки и од кој би можело да се направи револуционерна терапија за лекување рак.

Имено, хрватскиот научен тим кој ги вршел испитувањата врз експериментални глувци користејќи го вирусот може за само две недели да произведе вакцина која би требало да се применува и на луѓе. Ова револуционерно откритие може да го смени пристапот во лекувањето на човечките тумори и да спаси голем број животи.

Научниците овој вирус им го вбризгале на глувци кои имале тумори на дебелото црево и на дојките и тој за само 72 часа ги уништил сите канцерогени клетки. Сега научниците се залагаат за основање Центар за клинички испитувања во кој би се применувале и развивале експериментални терапии. Засега во Министерството за здравство на Хрватска се подготвени да ја поттуркаат оваа иницијатива и да им помогнат.

На прашањата поврзани со оваа тема за МИА одговараше професор Хрвоје Мазија.

Во светски размери, што всушност значи вашето откритие за борбата против ракот и со што би можело тоа да биде подобро или покорисно од лечењето со вируси кое веќе постои во некои земји?

Во светот се познати бројни вируси и речиси сите се во завршни фази од истражувањето. Единствениот вирус што се наоѓа на пазарот како готов лек е кинески, но многу блиску се и другите. Унгарците имаат вирус кој е во трета фаза од истражувањето, а во САД, моментално, во истражувањето на еден вирус се вложуваат една милијарда долари.

Станува збор за рекомбинантни вируси темелени на аденовирус на кој му се изменети својствата. Предноста на нашиот вирус е природното (а не генетски произведено) својство за уништување на клетките на туморот при што тој не им штети на здравите клетки. Заради погоре наведеното не постои можност од мутација, од патогени појави и слично, што може да се случи со синтетизираните вируси.

Предноста на вирусот се гледа уште и во фактот што поттикна еден поинаков начин на размислување (барем кај некои) и ја поттикна потребата од поврзување на релевантните институции и истражувачи, кои одделно работат само на некој сегмент на антитуморски супстанции или постапки, но не ги синтетизираат на едно место. Во тој контекст, повикани се да се придружат и стручњаците од Македонија.

До која фаза од истражувањето сте сега и што уште треба да се направи за да може ова откритие да се тестира (испроба) на луѓе?

Вирусот веќе сега би можел да се примени во истражувањето врз луѓе, затоа што за изработка на вакцина е потребно исклучително кратко време. Вирусот размножен на туморските клеточни култури ги разорува тие клетки па така настанува вирусен онколизат кој може да се користи како вакцина. Исто така, потполно чист вирус би можел да се примени интравенски или со инхалација. Зошто не го правиме тоа? Одговорот е јасен: нема институција ниту во Хрватска, ниту во Македонија во која би можело легално да се примени средство (во овој случај вирус) во лекувањето на неизлечиви случаи на болести. Такви институции постојат во светот и овозможуваат напредок.

Со какви тешкотии се соочувате сега и дали, евентуално, по текстовите во медиумите, Министерството за здравство ве контактираше и доколку да, што успеавте да се договорите?

Објавувањето на текстот во „24 часа“ предизвика бурна реакција. Се јавуваа луѓе со трагични приказни подготвени да послужат како „експериментални зајци“. Тоа се пациенти на кои им останало малку надеж, но се подготвени („... потпишувам секаква одговорност...) да бидат на листата на чекање за да примат вирус. Секако, треба да им се протолкува дека е се  уште премногу рано, дека постојат класични пристапи во лекувањето кои не треба да се избегнуваат и слично.

Впрочем, самиот вирус, според наше мислење, претставува само една од компонентите во севкупниот пристап на лекување на малигните болести. Институциите кои досега молчеа, конечно се одзваа затоа што беа прозвани, но јас не им верувам. Повторно истиот проблем – препознавање. Изјавата на еден од релевантните дека кога за секој лек против рак што го откриле Хрвати би добивал по две куни, веќе би бил богат, најдобро го покажува степенот на разбирање. Ако прочитаа барем еден напис ќе им беше јасно колку далеку отишол светот и колку пари се вложуваат во слични истражувања (ја споменав милијардата долари за само еден вирус). Јас се уште ги чекам одговорите на надлежните.

Колку време треба да помине и што се треба да се направи за вашето откритие да се трансформира во „редовен“ лек?

Приближно пет години до регистрација, што не значи дека не би можеле да го користиме и порано. Уверен сум дека постојат и други вируси кои се наоѓаат во нашите фрижидери и на кои не им се истражени онколитичките својства. Тука има голема шанса, па истражувањата допрва претстојат. Рокот во кој производот би можел да се најде во примена зависи и од текот на натамошните истражувања. Најдобро би било на лекувањето да му се пристапи индивидуално, односно, на секој пациент да му се одреди она најдоброто. Тука би се нашол многу простор за вирусот затоа што неговото делување е исклучително брзо.

Со оглед на тоа што тој иден финален производ, вакцина или лекови против рак се наоѓаат во ваши раце, постои ли можност, доколку не најдете поддршка кај надлежните во вашата држава, да го продадете својот патент на некој странски центар за клинички истражувања и дали можеби некој веќе ве контактираше?

Интерес наеднаш покажаа хемофармацевтските компании, па се надевам дека нема да одам на печалба. Мислам дека не е добро да се продава вирусот. Подобро е да им се отстапи на заинтересираните истражувачи, па ако нешто постигнат, треба да се разговара за заштита на интелектуална сопственост. Имено, тоа е моделот кој своевремено владата на САД им го нареди на компаниите, своите патенти за изработка на вакцина против инфлуенца на птиците да им ги стават на располагање на сите, а подоцна да ги жнеат плодовите. И да, веќе сме контактирани.

Со оглед на медиумскиот интерес што го предизвикавте, ви се случило ли да ве контактираат луѓе кои се тешко болни и на кои не им помага ниту една конвенционална терапија?

Стотици болни, нивни роднини или пријатели ни се јавија преку и-меил, телефон. Секогаш станува збор за повик за помош. Повици стигнуваат и од Македонија.

Кому се би можело да му помогне вашето откритие кога станува збор за разни видови, но и разни фази на канцер?

Со оглед на начинот на делување и можностите за примена (инхалација, интравенски, во стомачната празнина, директно во ткивото на туморот), можностите за примена се големи и ги опфаќаат сите фази на болеста. Треба да се нагласи дека потребната количина хемотерапии (со сите штетни нус појави) е многу помала ако се комбинира со вирусот.

Кога не дај Боже би имале некој свој кој би се наоѓал во некаква безизлезна ситуација што се однесува до здравјето, би се обиделе ли да го излекувате на овој начин?

Да, дури и без дозвола на релевантните. Моето искуство со сузбивање на болеста на живината е токму такво што некои невообичаени пристапи (затоа и недозволиви) претставуваат исклучителна новина. Дали верувате дека вирусот на сипаници кај живината кој вообичаено се дава со убод во крилната мембрана и предизвикува минливо, но силно локално воспаление кај домашната живина, може да им се даде на штотуку изведените пилиња во дишниот систем без никакви штетни последици. Одговорот би требало да е НЕ. Но сепак, одговорот е ДА, но доколку ги прашав за дозвола релевантните комисии (етичката, за заштита на животните и слично), би ми рекле дека сум луд. Малку лудост или подобро храброст (секако, основана), секогаш добро доаѓа.

И на крајот, хрватските медиуми пишуваа дека вирусот кој за краток рок ги разорува канцерогените клетки сте го изолирале уште во 1999 година. Прашањето кое веројатно ги интересира сите оние кои не се упатени во тајните на научно-истражувачката работа е зошто толку долго се чекало и кои се фази во истражувањето на ова откритие требале да се поминат во овие 14 години?

Како што обично бидува со нешто ново, овој вирус требаше долго да чека, пред се, за да го препознаат релевантните институции. Во 1999 година кога го изолирав од белите дробови на одгледуваните пилиња (бројлери), од јато во кое угинаа речиси 76 отсто од птиците, доказот за вирусот на болеста Њукасл (чума), ќе значеше затворање на границите и огромна материјална штета. Станува збор за вирус од сојот Newcastle (НДВ) кој ја напаѓа пердувестата живина. Преминува и на човекот, но во тој случај последица може да биде само блага настинка. Вирусите од овој вид се познати од порано, но овој вид кој ние го откривме не е виден никогаш претходно.

Имено, вирусите секогаш, освен во овој случај, се наоѓаат во мозокот, а јас го докажав единствено во белите дробови каде што другите не го бараа.

Требаше да се докаже дека станува збор за различен вирус од вакциналниот. Тоа го направија моите две соработнички, Ивана Руњиќ и Гордана Недељковиќ. Се покажа дека вирусот и припаѓа на групата благи (лентогени) вируси и дека може да се користи како вакцина за живина, а поморот кој го предизвика треба да му се припише на т.н.пнеумотропизам, афинитет кон дишниот систем, првенствено, белите дробови каде што вирусот предизвика само благо воспаление, но доволно да угуши 76 отсто од пилињата.

Идејата да се истражат онколитичките својства на овој вирус потекна од моите двајца соработници кои ги истражуваа онколитичките својства на вирусот од видот Ла Сота, од истата група (Paramsxovirys1). Тој вид се користи како вакцинален вид и е многу добро познат кај колегите од Македонија. На едниот колега (примариус др.сц.Динко Човиќ) му бев ко-ментор за докторатот, а на другиот (др.сц.Синиша Иванковиќ, научен советник), член на комисијата за одбрана на докторатот.

Беше логично да се истражат онколитичките својства на вирусот чие потекло беше нетипично.

Како и да е, одговорот на вашето прашање, зошто се чекало толку долго, е јасен: пред се, поради менталитетот на релевантните личности (и институции) кои не го признаваат знаењето на другите (по онаа: сакам да разговарам со генијалци, но не и со попаметни од себе). Игноранцијата е содржана во фактот дека често луѓето кои одлучуваат за битни работи мислат дека тие мора баш се да знаат или разбираат, наместо да веруваат во знаењето на другите.

Досегашните истражувања докажале дека видот ЗГ1999ХДС е супериорен во уништувањето на клетките на туморот. Се знае дека вирусот може да зарази некои цицачи, па и луѓе, но кај нив не предизвикува клинички знаци на болест, освен, евентуално, благо воспаление на дишниот систем (како настинка). На вирусот му се одредени биолошки својства, па е докажано дека е стабилен (за разлика од вирусите кои се „изработени“ со генетски инженеринг). Исто така, започна втората фаза од истражувањето врз мали цицачи (кучиња), а се користат единствено болни животни кај кои друг облик на лекување поради поодминатиот стадиум на болеста не доаѓа предвид.

Интервјуто е преземено од МИА

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »