Петар Печков
Објавено: среда, 06 октомври 2021
Да се биде хуман, да му се помогне на секој што има потреба, да се пружи рака на социјално најзагрозените и лицата во трето доба. Ова се дел од основните задачи кои ги исполнуваат волонтерите во Клубот на млади при Општинската организација на Црвениот крст во Велес. Над триесетина средношколци и студенти се активни во оваа организација и неуморно, секојдневно се трудат да ја исполнат хуманата мисија.
„Младите се еден од основните столбови на Црвениот крст. Тие се вклучени во реализација на сите програми почнувајќи од програмата за млади, дисеминацијата, социјално- хуманитарната дејност, здравствено превентивната и катастрофите. Ние сме многу задоволни од нивниот несебичен ангажман и посветеноста кон задачите на Црвениот крст“- вели Орце Николов секретар во Општинската организација на Црвен крст- Велес.
Во период на пандемија со ковид-19 волонтерите на Црвениот крст имаат значајна улога во процесот на имунизација на населението. Тие се ангажирани на три пунктови. Додека функционираше пунктот за масовна имунизација во спортската сала при средното училиште „Коле Неделковски“, на пунктот во ЈЗУ Здравствен дом кај велешани популарно наречен Уред, но и на теренските пунктови на имунизација на населението ви руралните средини. Основна логистичка поддршка на сите граѓани им пружија 29 волонтери. Тие до сега заеднички волонтираа 597 смени со вкупно 2.985 волонтерски часови, што е огромна бројка.
„Како дел од пунктовите, ние волонтерите од Црвен крст ја имаме една од клучните задачи. Тоа е први да им излеземе во пресрет на граѓаните. Да им помогнеме при пополнување на прашалникот за имунизација, да ги прозиваме според термините кои ги добиле, да ги придружуваме до кабините за вакцинирање ако има потреба и да се грижиме се да биде во најдобар ред“ -рече Александра Здравевска заменик лидер на Клубот на млади.
Од 1-ви до 7-ми октомври Општинската организација на Црвен крст ја одбележува Неделата на млади. Освен информирање за својата работа, како завршна активност ќе се одржи „Хуманитарно трчање“ во Градскиот парк, на 9-ти октомври во сабота со почеток во 16 ч. на кое може да учествуваат сите граѓани на Велес.
Воедно упатуваат апел до останатите млади од градот. Сите кои ги делат истите вредности со нив, да не чекаат, слободно да им се придружат и да станат дел од најхуманата организација во Светот кој брои илјадници членови и волонтери.
Tweet |