Петар Печков
Објавено: четврток, 21 април 2022
Невообичаено мирно е во велешко Башино село за овој период од годината. Тоа важеше за најголем одгледувач на младиот кромид и младиот лук во земјава. Но деновиве среде село е празно, нема откуп, родот е мал а цената на откупот ниска. Цената на врзоп млад кромид е 150 денари, двојно пониска од лани.
“Како годинава не било. Се помалку се работи оваа рано-градинарска култура. Младите најдоа работа, попладне кога се вратат од работа сакаат да одморат. Ни остана на постарите. А тешко е да се работи младиот кромид и лук. Кој не верува нека проба. И мал род има и малку се засади“ - вели жител на селото кој ги подготвуваше количините за продажба.
Утешно е што ценaта на младиот лук е 300 денари врзот, колку што беше и претходните години.Овој период од годината е шпицот во откупот, пред Велигден.
За католичкиот дошол само еден шлепер за пазарот за Хрватска и тој половина се наполнил и заминал и не се вратил повторно. За православен Велигден за откупот на младиот кромид интересот е мал. Останува надежта дека нешто ќе се продаде за првомајскиот викенд. Од откупувачите во Башино село е само скопјанецот Весели Мемедали. Тој 30 години го откупува, ги знае опроизводителите, но вели како годинава не помни.
„Катастрофа е. Доаѓав со камион и откупував 1,5 илјади снопови дневно. Сега идам со едно комбе и тоа не се полни. Скапо е ѓубрето, работата мачна, нафтата отиде високо а интерес за младиот кромид и лук нема“ - вели Мемедали.
Ако со децении Башино село го снабдуваше пазарот со млад кромид и лук, на цела поранешна Југославија, дојде време кога сега нема интерес да го снабди ниту Скопје. Башноселци велат дека во одгледувањето на оваа култура приматот го зел Росоман. Сличен проблем имаат и со спанаќот, кој се откупува по 10 денари за килограм на големо но и тој стои по нивните.
Tweet |