речник контакт

Цената на огревното дрво висока, но ниту го има по складовите

Цената се движи од 2,5 илјади денари во ШС Бабуна каде ретко се наоѓа, до 3,5 и 4 илјади денари за просторен метар, во приватните складови

Петар Печков

Складовите за огревно дрво го градот во Велес се празни а  цените високи. Таква е состојбата со дрвата за огрев во велешко.

Цената се движи од 2,5 илјади денари во ШС Бабуна каде ретко се наоѓа,  до 3,5 и 4 илјади денари за просторен метар, во приватните складови. Кога кон оваа цена ќе се додадат редовните трошоци за  превоз, сечење, складирање  на дрвото, во некои случаи стигнува и до 4,5 илјади денари за просторен метар.

„Таму каде што е најевтино, во Шумското го нема и се чека подолго време за испорака. Во приватните складови исто така нема, но може да се најде. Таму цената е многу повисока. Или есента доаѓа а останува дилемата како да се снабдиме со огревно дрво“ - велат велешани.  

Според сопствениците на приватните складови, причината што огревното дрво го нема, е касното објавување на тендерите за сеча на шумите, годинава во мај, наместо како претходните години во февруари. За поскапувањето на цената на метар просторен, се оправдуваат со   високата  цена за горивото кое го трошат камионите - превозници и за  пилите за сечење, но и цената на работата сила која и ја нема.

„Многу доцна се доделија тендерите за сеча, дури во мај, наместо во февруари. Тоа се три месеци без работа, без дрва и сега од мај наеднаш треба да се задоволат барањата на  стотици семејства за краток период. Затоа нема дрва. Плус нема работници кои ја сечеа шумата. Сите заминаа за Италија“- велат приватните продавачи на дрва за огрев од велешко.  
Од  ЈП Македонски шуми велат дека  во подружницата на ШС  Бабуна Велес нема реакции на граѓаните затоа што сите уплати за буково огревно дрво биле испочитувани и испорачани.  Доцнењето на тендерите било поради поништени тендери во постапката од февруари.

„Сите уплати на граѓаните за огревно дрво ќе бидат испочитувани до средината на септември. Испораката на буково огревно дрво е завршена, останува само да се испорачаат уплатените количини за дабово огревно дрво.  Сеча со дотур на дрвни сортименти за сите подружници во составот на ЈП, вклучувајќи ја и ПШС Бабуна - Велес, беше објавен на 15.02.2022 година. По целосно спроведување на оваа постапка,  огласот повторно се објави на 13.05.2022 година, за делови кои во првата постапка биле поништени, а подружниците имале потреба од повторна објава. Постапката во мај е повторување, односно реобјава на делови од првичната постапка кои биле поништени“- информираа од ЈП Македонски шуми.

Со покачувањето на цената на огревното дрво, се качија и цените на пелетите од  180 на 350 за една вреќа и на брикетите од 17 на 22 денари за килограм.

Според истражување на Хабитат Македонија од 2019-тата, во градот Велес 61 отсто од семејствата се греат на дрва.  Владата одлучи да ја замрзне маржата, до крајот на годината,  за огревното дабово и букови дрво и за пелетите.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »