речник контакт

Цената на сончогледот пониска од лани, оти падна и цената на маслото за јадење

Досега се откупени три илјади тони, се планира уште две илјади од македонско производство

Петар Печков

Во  тек е откупот на сончогледот кај  единствениот преработувач во масло за јадење  во земјава, велешка Маслодајна.  Досега се откупени три илјади тони, се планира  уште две илјади од македонско производство, што ќе биде двојно помалку од ланските откупени 10 илјади тони сончоглед.  Тоа се должи на сушната година и намалените површини и помалиот број на кооперанти.   

„Цената е 20, 5 денари за кг и во однос на мината година е пониска. Тоа е во корелација со цената на маслото за јадење. Да потсетам лани беше преку 100 денари за литар сега е 72 денари. Падна цената на маслото, падна и цената на сончогледот “ - кажа Силвана Манаскова, од велешка Маслодајна.    

Бидејќи според потпишаните договори, нема да има доволно  македонски сончоглед за преработка, тој се откупува и од Србија. За редовно работење, оти набавените количества сончоглед не се доволни,  ќе се увезува  сирово масло.

Но не мало изненадување било што од денес, Владата ДДВ за сончоглед го покачила на 10 отсто, додека на суровото масло останало 5 отсто, со што  фабриката се става во нерамноправна положба, како единствен преработувач  во Македонија, на сончоглед во масло за јадење.   Одгледувачите со разбирање на пониската цена на сончогледот, иако кај поголемиот дел поради сушата намален е родот.

„Иако имаше лоша година, беше сушна, имам добар род,  1,7 илјади килограми принос по хектар. Презадоволен сум од родот, што се должи на добрата работа. Што се однесува до цената,    таа е пониска од ланска, но разбирливо оти лани еден литар масло за јадење го плаќавме преку 100 денари, сега е околу 70 денари“ - вели Јовица Китановски земјоделец од село Иванковци, велешко.

Тој под сончоглед има 356 хектари. Но реагира  и ја споредува цената на сончогледот и житариците, кои биле одгледани на 300 хектари.  

„Многу сум  позадоволен од цената на сончогледот иако е пониска од лани,  отколку на житариците. Јачменот и пченицата  годинава ги продадов по далеку пониска цена од ланската за 8,5 денари а лани беше 17 денари. Цената на храната за стоката падна а  цената на  месото    скокна“ - додаде Китановски.  

Маслодајна која  годинава  одбележува јубилеј, 100 години постоење, есенва  откупува  сончоглед од Овче Поле, Кумановско, скопско Илинден и мал дел од Пелагонија.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »