Петар Печков
Објавено: среда, 16 август 2023
Центарот за јавно здравје Велес врши проверка на информацијата дека водата на езеро Младост, на местото наречено Градска плажа е загадено и бактериолошко неисправно.
Ова доаѓа откако вчера Општина Велес објави дека лабораториските испитувања на квалитетот на водата извршени од Лабораторијата „Фуд лаб“ од Скопје на ден 11.08.2023 година покажале надминување на граничните вредности за присуство на цревни ентерококи и ешерихија коли на локациите Брод Панини и Градска плажа.
„Кај бродот Панини утврдени се четири пати поголеми концентрации на ешерихија коли и два пати поголеми концентрации на цревни ентерококи. Според резултатите од анализите на земените мостри вода кај Градска плажа, во водите има четири пати поголема концентрација на цревни ентерококи. Врз основа на овие резултати ве известуваме дека на споменатите локации капењето и рекреативните активности во вода не се безбедни. Се препорачува на сите граѓани и посетители да ги избегнуваат овие две локации. Според анализите, водата кај хотелите Романтик и Бела Вода е со добар квалитет согласно законската регулатива“ - соопштија од Општина Велес.
Од Центарот за Јавно здравје Велес информираа дека денес биле земени примероци од водата на плажите „Романтик“ и Градска плажа 1“ кои согласно програмата, тие ги проверуваат. Бил извршен и санитарно- хигиенски увид. Квалитетот на водата ќе се проверува во лабораторијата на ЦЈЗ Велес и во Институтот за јавно здравје Скопје. Примерокот во ИЈЗ Скопје бил денес вратен бидејќи не користеле исти видови на лабораториски епрувета, како во Велес, па утре ќе се земал примерок од за оваа лабораторија потребно средство.
Од Центарот за Јавно здравје Велес, потсетуваат на резултатите од нивните испитувања на двете плажи на езеро Младост, кои тие ги контролираат Градска плажа 1 и Романтик, дека сите резултати за периодот мај јули заклучно со 3 август се дека водите се исправни за капење и рекреација.
ЦЈЗ Велес во писмената информација нагласува дека согласно Националната програма за јавно здравје за 2023 година, објавена во службен весник, тие биле задолжени да ја следат санитарно- хигиенската состојба и квалитетот на водите на езеро Младост.
Tweet |