Петар Печков
Објавено: недела, 25 јуни 2017
Во текот на историјата, бројни цивилизации доживувале подеми и пропасти, за кои повеќе или помалку, постојат научни сознанија. Сепак, постојат и такви кои зад себе, како наследство оставиле необјасниви мистерии за причините на нивното исчезнување, кои и денес го привлекуваат вниманието на археолозите и историчарите.
1. Цивилизацијата на Маите
Цивилизацијата на Маите била една од најнапредните во предколумбовиот период во Америка: големи градови, раскошни плоштади, палати, храмови-пирамиди, напредно познавање на астрономија, математика и физика...
Древните Маи биле на врвот на својата моќ и влијание во таканаречениот класичен период (250 - 900 година од новата ера), после што следи епоха на нивно мистериозно исчезнување, кога населението почнало да ги соборува своите кралеви и да ги напушта градовите.
Постојат неколку десетици теории за исчезнувањето на оваа цивилизација, од неповолни климатски промени, разни епидемии, до внатрешни немири и востанија и зачестени воени судири, или комбинации на сите овие фактори. Меѓутоа, иако нивната цивилизација се распаднала, јазикот и културата на Маите сепак се одржани – се проценува дека околу седум милиони припадници на овој народ сè уште живеат околу полуостровот Јукатан.
2. Цивилизацијата во долината на Инд
Ова е една од најстарите светски цивилизации, која пред околу 8.000 години започнала со изградба на населби на подрачјето на денешна Индија и Пакистан. До третиот милениум пред новата ера, била распространета на околу еден милион квадратни километри, многу повеќе од нивните попознати современици во Египет и Месопотамија, со 10 проценти од вкупната светска популација.
Јазикот на тој древен народ, до денес не е дешифриран. За нивниот секојдневен живот и обичаите се знае многу малку, но од друга страна нивните градови имале напреден систем на водовод и канализација, кој немал конкуренција сè до римскиот период.
Околу 1.900 година пред новата ера, цивилизацијата почнала необјасниво да пропаѓа. Постоеле теории дека причина за тоа била инвазија од Ариевци или промена на течението на реката Инд, но поновите истражувања покажуваат дека зголеменото дејствување на монсуните, катастрофални земјотреси и епидемии на колера и маларија, се најверојатните фактори за исчезнувањето.
3. Анасази
Анасазите, предците на Пуебло народот, го населувале југозападниот дел од денешните Соединети Американски Држави. Во текот на 12 и 13 век изградиле спектакуларни населби во стрмните карпи на многубројните клисури и набргу потоа мистериозно исчезнале, без трага. Иако пронајдените трагови од канибализам и масакри, како и докази за шумски сечи, укажуваат на природен колапс на цивилизацијата, меѓу археолозите и натаму се води жестока дебата околу причините за пропаста на оваа цивилизација.
4. Олмеци
Олмеците ги населувале тропските низини во јужниот и централниот дел на Мексико. Тие се претходници на сите подоцнежни цивилизации, а познати се по создавање на првото писмо во Америка. Развиле календар, граделе пирамиди и ја измислиле пок-та-пок, игра со топка на живот или смрт, затоа што водачот на поразената екипа секогаш бил погубуван. Биле ненадминливи во обработката на камен, и создале гигантски скулптури од камени глави, но и мали фигури од жад.
Исчезнале околу 400 година пред новата ера – источниот дел од нивната земја бил опустошен, најверојатно заради вулканска ерупција, но популарна е и теоријата која се однесува на инвазија, иако никој не знае кои биле агресорите.
5. Набатејци
Набатејците, сојуз на номадски племиња од северозападна Арабија, се најпознати како градители на легендарниот град Петра, изделкан во карпи, со многу знаменитости, од кои најпозната е ризницата Казнех. Од четвртиот век пред новата ера оствариле значајна економска и политичка моќ и за разлика од другите култури во тоа време, не држеле робови. Биле познати по одличниот систем за наводнување, кој и денес се изучува на Универзитетот во Ерусалим.
Во текот на четвртиот век од новата ера, ја напуштиле Петра, но никој со сигурност не знае зошто. Како една од најверојатните причини се наведува падот на трговијата, затоа што главните трговски патишта биле преместени на север.
6. Микенска цивилизација
Оваа цивилизација го добила името по локалитетот Микена, сместен на околу 90 километри југозападно од Атина. Ја открил германецот Хајнрих Шлиман, кој целото свое богатство го вложил во археолошки истражувања. Во вториот милениум пред новата ера, Микена важела за еден од најважните центри на грчката цивилизација. Некогаш Микена била доминантна поморска сила, но до 12 век, потполно пропаднала. Се претпоставува дека тоа било предизвикано од судирите меѓу селаните и владеачките класи, промената на трговските патишта, но и дорската инвазија на Грција од север, за која, бројни историчари сметаат дека никогаш не се случила.
7. Царството на Кмерите
Кмерското царство било создадено во 802 година од кралството Ченал, на територија на денешна Камбоџа. Најпознато е по Ангкор, кој паднал во 1341 година. Пропастот на оваа цивилизација главно се припишува на инвазии, епидемии од чума и/или политичка нестабилност.
8. Минојска цивилизација
Ова античко општество настанато на островот Крит, постоело од 3.000 до 1.000 година пред новата ера. Инаку, во грчката митологија, Миној или Минос, бил прочуениот крал на Крит, по што е наречена и Минојска цивилизација и е првата позната цивилизација во Европа од која се пронајдени разрушени палати и артефакти во нив.
Нивниот пишан јазик е познатото линеарно А писмо, кое подоцна било заменето со линеарно Б, а и двете се базираат на пиктограми. Експертите веруваат дека крајот на оваа цивилизација бил предизвикан од вулканска ерупција на островот Тера (денешен Санторини).
Tweet |