речник контакт

Цоро се врати во Велес

Еден од ликовите кој велешани го помнат, сега живее во Канада

Петар Печков

Слободан Ќириќ, кај велешани познат како Цоро, по многу години повторно е во родниот Велес.  Тој живее и работи во Канада, откако во  2000-та замина од  градот. Во Велес, заедно со семејството е неколку седмици. Во моментот кога  текстот ќе излезе, тој ќе патува назад.   На прашањето дали во Велес е дома и се чувства како дома, Цоро објаснува дека   тука секогаш  е дома. 

 Иако  таму каде сега живеам е мојата дома, вистинската дома е тука, Велес. Тука сум роден, израснав, живеев. И убаво се чувствувам. Досега имаше многу поводи, но ете сакало токму со свадбата на Ивана Карова, сестра на мојата снаа за синот Дарко, да дојдеме фамилијарно во Велес.   Таа, Иванa стана снаа на легендарниот велешки голман, за жал  починат Зоран Паунов, за неговиот син Саше. Тоа беше предизвик и дојдов - вели Цоро. 

Тој живее во  Мисисага, во Канада, 20-тина км од Торонто. Место каде има многу велешани, со кои ги споделува и радосните и тажни и тешки моменти.  Дошол во Велес на голем ден, Велик петок, пред Велигден.  Така што за овој безмалку еден месец се видел со многумина пријатели, познати. За три месеци, ќе наполни точни 15 години како заминал,  во  јули  2000-тата.

Бев на Велигден во црква, на Св. Пантеле. Како во младоста, ме врати во тоа време. Ние тогаш одевме со касетофони,  гитари, слушавме музика, сега  е поинаку, времето си го носи своето. Бев и  на манастир. Се наежив, беше убаво - објаснува Слободан.  Првиот впечаток за Велес по деценија и пол, бил сообраќаен шок и метеж. 

Има многу автомобили, метеж по улиците, како да сум во Истанбул. Моите пријатели го задржале градскиот дух, младината си носи свое. Некако луѓето ми се отсутни, тогаш имавме повеќе идеи, имавме повеќе позитивна енергија.  Сега ми се повеќе стегнати, згужвани  луѓево- вели Цоро.

Задоволен од животот што го има  и живее таму. Вработен е и тој и целата негова фамилија.   За помладите кои не го знаат Цоро, но и постарите да потсетам дека тој беше вистински двигател на живеењето во градот. Организираше фестивали на пејачи аматери, на Градскиот Базен водени лудории, го оживеа Бентот со одбојка на полажа, кафеана, со пејачи кои доаѓаа на концерти...

Напишал нова  песна ,,Велешка свадба,, која сака некој фолк пејач да ја испее. За потсетување тој е автор на песната ,,Велес, Велес, убав град,,.  На минато неделната свадба тој се фатил за микрофонот ја испеал токму оваа песна, а друштво му правеле и некогашните  фудбалери на Борец, Љубешко и Перо Ранготов. Пеел и Панче Ќумбева ама Цоро  за жал констатира дека не ги знаел зборовите до крај, иако имал добар глас, па се надева дека до следното негово доаѓање до година Панче  ќе ја научи целосно, што му остава нешто како домашна за следниот период.

АНКЕТА »

На што се греете зимава?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »