речник контакт

Цркви оставени само на божја милост

Неколку верски храмови се заштитени со закон, но не и од забот на времето, меѓу кои и „Свети Атанасиј“ во Војница, родно село на поетот Коле Неделковски.

Петар Печков

Црквата „Свети Атанасиј“ во велешкото село Војница се распаѓа, а со неа и иконите, фреските и црковните книги. Иако е прогласена за споменик на културата, ништо не е преземено да се заштити духовното богатство во селото во кое е роден македонскиот поет Коле Неделковски. Неговиот внук од брат, кој го носи и неговото име, Коле Неделковски, и педесетината жители бараат поголема грижа за храмот што пропаѓа. - Како да останеме во селото кога нема каде да отидеш свеќа да запалиш. Велигден беше, а нам ни е страв да влеземе во црквата бидејќи објектот е руиниран и може покривот да ни падне врз глава. Нема каде да се направи адет за мртвите, ниту крштевка за децата - вели Неделковски. Тие пред некоја година преку Црковниот одбор покренале иницијатива за собирање 10 илјади евра, колку што стручњаците процениле дека е потребно за реконструкција. Но, селаните сиромашни, а државата не помага, па фреските и иконите пропаѓаат. Покривот на црквата прокиснува точно над иконостасот, а таваните се напукнати. За да се зачуваат дел од иконите и црковните книги, се чуваат на сигурно и тајно место. - Црквата „Св. Атанасиј“ е прогласена за споменик заштитен од државата во 1953 година, поради архитектурата на објектот и специфичната изработка на икони и фрески, кои се од непознат автор. Црквата е изградена во почетокот на 19 век. Најстарата фреска датира од 1821 година, објектот е изграден порано, но нема пишан документ кога. Сигурно е на преодот од 18 во 19 век - изјави Елица Николова, историчарка на уметноста во Музејот во Велес. Таа вели дека интерес за санирање на црквата немало иако и селаните и Музејот неколкупати реагирале до Заводот за заштита на спомениците на културата, чија надлежност е храмот. Досега нивните екипи неколкупати дошле, подготвиле проект за санација, но не интервенирале. Црквата се распаѓа, селото се иселува и нема кој да се грижи за храмот. Тој е руиниран, фреските се скоро уништени. Слична е состојбата и со црквата во велешко Ново Село. Храмот „Св. Ѓоргија“ е во подобра состојба, но покривот прокиснува точно над иконостасот, каде што се иконите насликани од Димитар Папрадишки, кои датираат од 1800 година. Никој не реагира, ниту презема нешто за ретките и вредни икони да се зачуваат. Се уништува и црквата во селото Грнчиште, која е изградена во 19 век, а со неа и фреските и иконите. Од велешкиот музеј велат дека тие немаат ниту материјални ниту конзерваторски можности да преземат интервенции.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »