Петар Печков
Објавено: вторник, 07 февруари 2017
Градоначалникот Славчо Чадиев на прес конференција го презентираше сработеното во минатата година. Тој потенцира дека се што е сработено е со цел корист на сите граѓани на општината. Лани биле сработени 114 проекти а приоритет имала економијата.
За Општина Велес, за градоначалникот и за Советот сите граѓани се исти и затоа гледаме од проектите кои ќе се направат корист да имаат што повеќе лица. Секако во одредени случаи се запазува и начелото на итност. Во 2016 успешно завршивме 114 проекти од кои директна корист имаат сите граѓани на Велес. Економијата и натаму останува приоритет број еден. Во 2016 се гордееме со успешната приказна во која прерасна фабриката „Маркарт“. Таму работат над 320 велешани. Македонско – турската компанија „Еуро Брик Компани“ го рестартираше Киро Куќук. Производството на цигли започна, а набрзо се очекува и да се стави во погон фабриката на „СТС Текстајлс“ кои инвестираа во погоните на поранешна Свилара – изјави Чадиев.
За што подобра економска инфраструктура, привлекување на странски и домашни инвеститори, локална власт лани целосно ја уредила индустриската зона во „Караслари“ и оформена е нова во Мамутчево со површина од 43,76 хектари.
Во 2016 година Општина Велес реализираше 41 инфраструктурен проект. Од нив 26 се однесуваат на реконструкција , асфалтирање и бетонирање на улици во градската средина и во населените места, а 15 проекти се однесуваат на поставување нови водоводни линии. Вкупно реконструирани се 27 илјади метри од патната инфраструктура и 14,5 илјади метри водоводна мрежа. Изградивме и три нови паркинг простори со вкупно 145 нови места за паркирање – елаборираше градоначалникот Чадиев.
Потсети дека преку проектот на ЕУ „Енерџинет“ пет клонови од детските градинки добија нови термоизолациони фасади кои се енергетски ефикасни.
Од капиталните проекти за оваа година Чадиев ги најави; покриен Градски пазар, изградба на водоводна линија за Раштани и Бузалково, во Отовица ќе се гради водовод и канализација, изградба на нов кружен тек на крстосницата пред Башино село и изградба на пешачки мост кој ќе ги поврзува селото со локалната Црква и гробиштата, уредување на улиците во селата Мамутчево и Чолошево.
На прашањето дали се што е лани сработено, можел о да биде платено од Општинскиот Буџет Чадиев одговори:
Се уште плаќаме дел од сработените позиции. Тоа се фактури кои пристигнаа при крајот на ланската година , некои не се се` уште пристигнати. Добро се држиме засега – изјави Чадиев.
Tweet |