речник контакт

Четворица Велешки ликовни уметници имаат заедничка изложба и го наполнија со посетители Ликовниот салон (фото)

Авторите Пренџов, Перовски, Јовановски и Стојановски се претставуваат со вкупно триесетина дела, слики, скулптури и графики

Петар Печков

Вечерва во Ликовниот салон во Велес се отвори изложба на четворица еминентни ликовни уметници од Велес, Живко Пренџов, Александар Јовановски, Спасе Перовски и Илко Стојановски. 

Тие творат во различни ликовни правци, препознатливи по нивното творештво, чија заедничка компонента е што се целосно вклучени во модерната ликовна клима и кои преку заедничката изложба  даваат можност за едно ретко ликовно доживување.

„Изложбата во својата концепција има за цел да ја презентира силината и индивидуалноста на ликовниот ракопис на секој од авторите, сликарите Живко Пренџов, Александар Јовановски Мијак и Спасе Перовски кои работат сликарски и графички техники, како и скулптор Илко Стојановски. Уште една нишка ги поврзува авторите  што во еден пократок или подолг временски период имале успешна, наставно - педагошка дејност и едуцирале генерации млади  и биле пример за идни ликовни уметници“ - кажа Елица Николова куратор на изложбата.

Авторите Пренџов, Перовски, Јовановски и Стојановски се претставуваат со вкупно триесетина дела, слики, скулптури и графики. На отворањето не беше присутен авторот Мијак, кој се наоѓа во Њујорк  каде има своја изложба.

Во името на авторите се заблагодари Живко Пренџов.

„Верувам дека магијата на говорот на бојата, формата и светлината во  изложените ликовни дела ќе не држи во убаво расположение во овие претстојни претпразнични денови“-  рече Пренџов.   

Ќе остане запаметено за големиот интерес што го имаше отворањето и полниот Ликовен салон, што ретко се случува во Велес. Организатор на изложбата беше Народниот музеј од Велес и е дел од годишната пргорама на Министерството за култура.

АНКЕТА »

На што се греете зимава?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »