Петар Печков
Објавено: петок, 24 септември 2010
Четворица битолчани ограбиле златара во Велес при што одзеле накит и часовници вредни милион денари. СВР Велес ги осомничи петнаесетгодишниот Д.М. за тешка кражба, неговиот татко Е.М. (41) и А.С. (18) за соизвршителство на кривично дело тешка кражба и М.К. (19) од Битола за помагање при извршување кривично дело Тешка кражба.
Четворицата пријавени лица со патнички автомобил во вторникот од Битола се упатиле кон Велес, каде го паркирале автомобилот и шетале низ градот. Е.М. влегол во златара - парфимерија каде од вработената побарал да разгледа златен накит и часовници а во тој момент во продавницата влегле неговиот син Д.М и пријателот А.С. кои исто така побарале да ги видат часовниците. Додека вработената била во близина на излогот, А.С. застанал зад неа, прикривајќи го Д.М. кој ја одзел ролната во која стоел златниот накит во вредност од околу милион денари, по што заедно со А.С. ја напуштиле продавницата.
Додека синот на напуштал златарата таткото Е.М пак, купил еден од часовниците и откако вработената му го наплатила, не чекајќи да добие фискална сметка си заминал. Сите тројца заедно истрчале до колата каде ги чекал М.К. по што му рекле да ја пали колата и вози што побргу. Според изјавите на шоферот, тие застанале на бензиска пумпа во правец кон Скопје, кога тој забележал дека џебот на Д.М. му е полн со златен накит. А.С. му кажал дека од Велес украле златен накит, но истиот да молчи пред полицијата за што ќе бил добро награден.
Таткото и синот и претходно се пријавувани за кривични дела од областа на имотот, како во Македонија, така и надвор во соседните земји. Откако биле фатени продавачката во златарата ги препознала дел од сторителите.
Tweet |