Петар Печков
Објавено: понеделник, 13 септември 2021
Откако претседателот на ОИК (Општинската изборна комисија ) за Велес, Андреј Ќамилов одби да обелодени кои се кандидатите кои поднеле пријави за градоначалник но и листите на партиите и коалициите кои поднеле кандидатури за членови на Совет за Општина Велес, со образложение дека нема таква надлежност од ДИК, ТрМр од официјален извор ги доби кандидатите.
За градоначалник на Велес има четири кандидатури, сите кои одамна ТрМр ги објави: од политичките партии - Златко Арсов - „Левица“и Семир Алимов од Бошњачки Демократски сојуз и коалициите „Најдобро за мојата општина“ предводена од СДСМ со кандидат Ненад Коциќ и ВМРО-ДПМНЕ со коалиција „Обнова на Македонија“ со Марко Колев.
Кандидатски листи за членови на Совет има поднесено девет, шест се од партии и три од коалиции. Тоа се: од Бошњачки Демократски сојуз, Единствена Македонија на Јанко Бачев, Левица- со носител Димитар Абрашев, Интегра, ДУИ - носител е Невзат Муаремовски и Твоја партија на Тортевски и Најчевска.
Коалициите кои поднесоа кандидатски листи се: „Одлучно за промени“ на ЛДП и ДОМ, коалицијата „Најдобро за мојата општина“ предводена од СДСМ која објави дека носител е поранешниот пратеник Марјанчо Николов и ВМРО-ДПМНЕ со коалиција „Обнова на Македонија“ предводена од актерот Зоран Љутков.
Koнечните листи, по проверката од страна на ОИК, ќе бидат утврдени наредните денови. Локалните избори ќе се одржат на 17-ти октомври.
Tweet |