Петар Печков
Објавено: среда, 08 јуни 2016
Утре и задутре (четврток и петок) Велес по 53-ти пат ќе биде домаќин на македонските поети и прозаисти и ќе го чествуваат делото на Рацин. Два дена градот ќе живее со Рациновите средби, манифестација која годинава носи повеќе содржини.
Тие треба да го привлечат вниманието на помладата популација но и да се анимира стручната јавност. Во официјалната програма понудени се содржини кои се како новина воведени изминатите две години.
Наша интенција е тоа што како новина беше промовирано во минатогодишното издание, да стане традиција, и со нив книжевната и академска јавност, граѓаните да го чествуваат името на големиот Рацин. Ќе имаме за разлика од претходните години спектакуларно отворање на манифестацијата на платото пред Спомен костурницата, четврток во 21,30ч. Вечерта ќе биде одржан поетски митинг и балетски перформанс на Олга Панго. Следниот ден проф. Елизабета Шелева ќе води разговор на тема љубовната поезија на Рацин. На завршната вечер освен портретите на добитниците на Рациновото признание Сашо Димоски и Владимир Јанковски, и на Почесното Рациново признание проф. др. Борислав Павловски, концерт на духовна музика ќе одржи градскиот црковен хор ,,,Св. Пантелејмон,, - најави претседателот на организацијата актерот Васил Зафирчев.
Како дел од содржините се и промоцијата на муралот ,,Ленка и тутуноберачите,, дело на учениците од Гимназијата Кочо Рацин на просторот под Градскиот саат. Попладнето на 9-ти јуни засадување дрвја од страна на писатели, во ,,Рациновата шума,, на просторот од паркот кај Спомен Костурницата, потоа пред две години воведената процесија ,,1000,, свеќи за Рацин кој почнува од родната куќа на поетот, и минувајќи по улиците на Велес, завршува до Спомен Костурницата.
Петок претпладне е промоцијата на стихозбирката ..Сјај, страв и песни,, од Даница Ивановска Лепојевиќ која ја доби наградата ,,Антологија на болката,, а се доделува за најдобра и необјавена поетска збирка љубовна поезија од современ македонски поет.
Tweet |