речник контакт

Четири премиери на велешки театар годинава

Од вторник започнува редовниот театарски репертоар. Сите нови претстави се камерни проекти

Петар Печков

Четири премиери финансирани од Министерството за  култура и една од сопствена продукција, ќе прикажат актерите од велешки театар оваа година.   Одобрени се средства за претставите  „Тирамису“ -  на полската авторка  Јоана Овшианко  во  режија Софија Ристевска, „Театар, љубов моја!“  на бугарскиот автор Валери Петров, режија Деан Дамјановски , „Синиот портокал“ на британскиот  автор Џо Пенхол, режија Александар Ивановски  и „Песни за татковината“ - авторски проект на Петар Темелковски.          

Годишната програма за 2017-та е подржана од Министерството со четири проекти.  Концепциски тоа се текстови ориентирано кон современото драмско писмо.  За илустрација по текстот од   британскиот автор  Џо Пенхол, е снимен и филм кој имаше  добар прием во светска јавност.  Проектот на Темелковски е  посветен на Никола Јонков Вапцаров. Сите претстави се камерни  проекти  кои полесно се менаџираат – изјави Васил Зафирчев уметнички директор на велешкиот театар ,,Јордан Хаџи Константинов Џинот,,.  

Тој најави дека ќе реализираат и неколку проекти од сопствени средства, еден посветен  на најмладата публика, но не прецизираше кои се тие. Прва годинешна премиера на велешки театар ќе биде ,,Ана Комнена,, која е од ланската програма, најавена за крајот на февруари. Тоа е на текст од Сашо Димовски, второ рангиран по конкурсот за отворањето на новата театарска зграда  а во режија на Ненад Витанов и Васил Зафирчев. 

Ова е голема продукција во која учествува целиот ансамбл на театарот. Тоа е византиска тема, историска драма, кој го работиме две години. Посветена е на  Ана Комнена која е  некрунисана императорка на Византија. Таа ја  напишала  историската книга ,,Алексијада,, посветена на владеењето на нејзиниот татко  – најави  Зафирчев.  

Од вторник започнува годинашнава театарска сезона со одигрувањето на претставата ,,Класен непријател,, в петок е ,,Добра надеж,, а сабота ,,Спанаќ со пржени компири,,.  На репертоарот ќе бидат и преставите   кои беа вратени на репертоар минатата година а се играа во  старата зграда, тоа се,,Тартиф,, и ,,Ноќите во  бел  сатен,,.  Лани на редовниот репертоар на театарот биле изведени вкупно 69 претстави со вкупна посетеност од 15.275 гледачи.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »