речник контакт

Четири метри меѓу пушачите и непушачите

Во објектите во кои се подготвува, служи и продава храна, односно гостилници, ресторани за самопослужување, киосци, млечни ресторани, ќебапчилници, бистроа...

Никола Солев

АЛЕКСАНДРИЈА СТЕВКОВСКА Во објектите во кои се подготвува, служи и продава храна, односно гостилници, ресторани за самопослужување, киосци, млечни ресторани, ќебапчилници, бистроа, пицерии и објекти за брза храна, 70 проценти од просторот, односно масите, треба да бидат за непушачи, а 30 проценти за пушачи. Физичката оддалеченост меѓу масите на непушачите и пушачите треба да биде минимум четири метри. Во објекти каде што не се служи храна, како кафулиња, кафетерии, ноќни барови, кабариња и дискоклубови, 60 отсто од масите треба да бидат за непушачи, а 40 отсто за пушачи, со физичката одвоеност од минимум два метра меѓу нив. Ова се главните одредби во новините во Правилникот за минимални технички услови што треба да ги исполнуваат угостителските објекти согласно со законите за заштита од пушењето и за угостителска дејност, донесени од страна на Министерството за економија. \"Правилникот треба да биде објавен идната недела во ‘Службен весник’, по што ќе почне да се применува\", информираа вчера на прес-конференција министерот за економија, Фатмир Бесими, и Никола Колевски, директор на Државниот пазарен инспекторат. Веднаш потоа пазарните инспектори ќе проверат колку угостителските објекти ги исполнуваат минимум пропишаните технички услови. \"Доколку објектот не може да има физичка раздвоеност меѓу масите на пушачи и непушачи, нема да биде дозволено пушење во целиот негов простор\", рече Колевски. Тој истакна дека во досегашните акции нема изречено казни. Според правилникот, на просторот каде што е забрането пушењето на видно место треба да се истакне текст \"Пушењето е забрането и се казнува со закон\" со димензии 15 х 20 сантиметри, а на секоја маса треба да биде испишан истиот текст со димензии 10 х 10 сантиметри. Угостителските објекти кои нема да можат да ги задоволат овие минимални услови, на влезот на објектот мора да истакнат знак за забрането пушење, а под него текст \"Пушењето е забрането во целиот објект\" со димензии 15 х 20 сантиметри. Угостителите, пак, одредбите од овој Правилник ги оценуваат како нереални и тешко применливи во практика. Во \"Блу-кафе\" велат дека не е толку проблематична физичката оддалеченост меѓу просторот за пушачи и непушачи, колку што е проблем процентот што треба да се одвои за непушачите. \"Преголем е процентот од 60 отсто во просторот што треба да се одвои за непушачите, со оглед на тоа дека поголем дел од посетителите пушат. Пореално е поголем дел од просторот да биде за пушачи\", велат во \"Блу-кафе\". Во ресторанот \"Три бисери\" новите правила за поделба на пушачки и непушачки простор ги оценуваат како неизводливи. \"Не постојат секогаш услови за физичка поделеност на просторот, односно масите. Во поголемите простори таква можност има, но не и во малите. Со ваквиот закон се отвора простор за казнување од инспекторите, а не и за примена на законско решение\", велат во \"Три бисери\". [url=rss.utrinski.com.mk/default.aspx?pbroj=1994&stID=61401&pR=2]http://utrinski.com.mk/[/url]

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »