Петар Печков
Објавено: среда, 26 септември 2012
Четврток вечер во 20 часот велешкиот театар Јордан Хаџи Константинов Џинот премиерно ќе биде изведена претставата ,,Шашардисани времиња,, од Благој Ристески Платнар во режија на Стојан Стојановски. Текстот е завршен пред смртта на авторот Платнар, негово последно дело, македонска варијанта на познатиот текст на Бертол Брехт ,,Пунтила и неговиот слуга Мати,,.
Претставата се води на стар архаичен но книжевен јазик, јазикот на нашите предци, што и дава посебност, кој на прво слушање е неразбирлив а потоа е вистинска музика и за актерите и за публиката – вели Јордан Витанов дел од актерската екипа на претставата.
Многу ми е драго и важно што го работиме Платнар, тој за мене е еден од омилените автори, поради неговата специфична драмска поетика и архаичниот јазик кој не е својствен за останатите автори. Платнар заслужува да е почесто присутен на македонските сцени. Заедно со режисерот Стојановски создадовме претстава која е на границата од комедија и трагикомедија, емитира значајни пораки за нас како луѓе и народ, во движењата меѓу времињата, се отвораат прашања на кои и денес бараме одговор. Публиката ќе се препознае во секој еден од ликовите во претставата – вели актерот Васил Зафирчев.
И авторот Платнар и режисерот Стојановски се од Прилеп и одлично го познаваат тој говор, на кој се одвива претставата. Автоиронијата е голема одлика на Платнар, својствена за малкумина. Создадовме одлична претстава која ќе има долг век а публиката ќе ужива додека ние ја играме а таа ја гледа – рече Слободанка Чичевска актерка
Претставата е комедија, главниот лик кој има можност да се шета низ времето, тргнува да се жени.,,Шашардисани времиња,, е работена два месеци и со неа велешкиот театар ја започнува есенската сезона. Во претставата играат Весна Димитровска, Слободанка Чичевска, Васил Зафирчев, Самоил Стојановски, Јордан Витанов, Кирил Гравчев, и тројца млади актери Фаик Мефаиловски, Александар Велјановски,Жарко Спасовски сите студенти на глума. Сценографија и избор на музика се на режисерот Стојановски, костимографија на Александра Крнинова.
Tweet |