речник контакт

Шест децении од матурата во Младински дом, шест децении незаборав

Присетување на најубавиот период од животот, на генерацијата матуранти 1957-ма од Гимназијата Кочо Рацин, прва која од прво одделение, во слободна Македонија учела на мајчин македонски јазик

Петар Печков

Шест децении од матурирањето беше поводот што во дворот на нивното училиште, да  се соберат некогашните ученици од велешката гимназија ,,Кочо Рацин,,. Иако во далечната 1957-ма во месец мај завршиле околу 160 ученици, денес ги имаше 23. Толку можеа да дојдат.

Некои од нив не ги спречи ниту далечината, стотиците, илјадниците километри  далеку од родниот град за да се видат со  соучениците, со кој се минуваат без одрекување, најубавите години во животот, младоста.    Во името на неповратно изминатиот  дел од животот, дојдоа да се потсетат на безгрижните чекорења    по велешката калдрма.

Ние бевме по многу нешта единствена генерација.  Прва генерација сме која  учеше исклучиво на македонски јазик. Прво одделение започнавме да учиме во 1945/46-та и  не само ние, туку сите од таа генерација во штотуку ослободената Македонија,  бевме први што започнавме да се школуваме на мајчин македонски јазик.   Подоцна учевме  од први клас до осми клас во Гимназијата, тогаш таков беше образовниот систем. Од петти до осми клас е тоа што одговара денес на средното образование од прва до четврта година.   Значајно е што ние бевме првата генерација која заврши во новата зграда на Гимназијата во 1957-та година, седум години учевме во старата Гимназија  кај пазариште, тука  учевме само една ама завршивме овде  каде сме денес.   Иако беше 50-тите години од минатиот век, нашите професори ги ословуваме госпоѓа, госпоѓице, господине, немавме другар, тоа не го употребувавме – се присетува Лилјана Крстеска, која 15 години беше директорка во Средното Економско училиште Јовче Тесличков.    

Раскажува како кришум гледале дали професорките носеле бурма или не, за да ги ословуваат со госпоѓа или госпоѓица.   Се сеќава дека за појадок добивале американски кашкавал, кој имал боја на портокал и имал вкус кој и денес го помни не баш по добро и потенцира ,,беше сиромаштија, ама сите бевме исти, еднакви,,.   Со своите ученици беше и нивната професорка по француски Лилјана Бојаџиева. Таа потврдува дека ја ословувале со госпоѓа, никако со професорка или другарка.

Три години им предавав на овие мои ученици. Не кријам имам 86 години, тие се мои и никому не  му ги давам.     Овие мои ученици беа прекрасни, мирни, имаа почит, учеа и  многумина завршија факултети. Се гордеам  со нив. Предавав француски, латински и руски – рече Бојаџиева.  Таа ги помни сите тука присутни ученици, се присетува на   нив, разговара, вади од пожолтените спомени, сокриени некаде длабоко во нејзината свест, настан, оценка, миг, кои заедно го оживуваат, прераскажуваат, присетуваат.  Организатор на генерациската средба беше Стефан Ѓорчев,  пензиониран архитект.  

Не беше тешко да се собереме, постојат нови форми на комуникација. Повеќето живееме во Скопје, секој втор вторник  во месецот се собираме, се дружиме, оти тогаш е бесплатен превоз па можеме да се собереме. Матуриравме  1957-та на 100 годишнината од првото класно училиште формирано токму во Велес, Св. Ѓоргија чии традиции ги продолжува Гимназијата. Матурата беше во мај месец во тогашниот Младински дом, со група и  жива свирка без микрофони. Женските во фустани со високи потпетици чевли, на  кои тешко се движеа, со партнери и партнерки, ние машките во одела со пеперутка, желни да влеземе во светот на зрелите, полнолетните     - вели Ѓорчев.    

Тој на учениците од Гимназија, кои љубопитно ги гледаа кога се собраа во дворот,  им порача и тие еден ден вака да се соберат на 50 и повеќе години јубилеј. И им даде еден  татковски совет,,одете напред, не се обѕрнувајте назад, предизвикот нека ве води,,.

Во миговите на дружење ја посетија црквата Св. Кирил и Методиј, новиот театар Јордан Хаџи Константинов Џинот, на лице место да ги  проверат новините од живеењето во  родниот Велес.   

Од Љубљана специјално за дружење допатува  Емилија Солева Вардијан, пензиониран потполковник од некогашната армија, сега во пензионерските денови ликовен уметник.

Во родниот Велес ме доведе средбата со драгите  пријатели, тоа е едно силно, многу силно чувство.  На секои пет години се гледаме во Велес. Тоа се мошне топли, искрени чувства, тоа се пријатели, врски  врз кои не може ништо да влијае да ги расипе – вели Емилија.  Најмногу  пат имаше од далечната, преку океанска Канада  Светлана Читкушева Хоџинс. 

Последните месеци пред средбата живеев за овој ден, за оваа средба. Со некои се немам видено 30-40 години,  а со малкумина дури и 60  од матурската. Превртував по старите слики, ги преживува деновите кога се дружевме, бевме заедно. Денес дочекав да бидеме заедно, пресреќна сум, не можам да се свестам дека сум тука а со мислите пред 6 децении. Кога ќе се вратам, и кога ќе ги гледам сликите, ќе се сеќавам на разговорите, тогаш ќе сфатам што значи оваа средба денес   - потенцира Светлана,   која живее во Торонто.  Младост лудост, време на прв, искрени љубови, на  силни желби. На една таква се присети натурализираниот Загрепчанец, роден велешанец Јордан Џунџев. 

60 години од матура е голем јубилеј, тој што го доживеал знае што значи.  Кога им кажував на пријатели во Загреб дека ќе одам во Велес, ме прашуваа па колку години имам. Ова е незаборавно.   И  треба почесто да се собираме. Тука е присутна, меѓу соученичките имав  една симпатија, кога бевме ученици. Таа беше одлична јас со двојки –тројки.  Но  животот е река која тече, работите  се  менуваат  па  како најдобар студент во Загреб бев награден. Таа тогаш ме одби, а сега како вдовец ако ја поканам може ќе се премисли и да дојде со мене    -  рече низ смеа  Јордан Џунџев, кој е стоматолог во Загреб. 

И додека минуваа по главната градска улица, се вратија за момент  на вечерта  пред 60 години, кога тие беа главни во градот. Кога убаво дотерани, минеа  низ   крозото, кога низ шпаларот млади   се ширеше масата народ, за да ги пропушти матураните да поминат, да добијат  апалузи и заминат на единствената  вечер во животот кога се станува полнолетен, на матурската.    

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »