Петар Печков
Објавено: петок, 16 декември 2016
Повторно фатени дрвокрадци кај Степанци, на планината Мукос, стариот пат Велес - Прилеп. Откриено едно лице и шест автомобили со 12 кубици дрва.
Вторникот на 6-ти декември, во попладневните часови, од страна на полициски службеници од Полициско Одделение Чашка заедно со Шумска полиција и ЈП Македонски Шуми подружница Велес, изведена е заедничка акција против дрвокрадците. Според СВР Велес таа се одвивала во атарот на селата Јасеново, Извор, Поменово, Смиловци, Степанци и месноста „Дервен“ кога била спроведена контрола на шумски кражби како и нелегален превоз и складирање на огревни дрва.
Пронајдени биле шест возила, сите лада, кои во пракса се покажале како најпрактични за пренос на дрва, додека повеќето од сторителите избегале.
При контролата, околу 19.00 час. во м.в. „Црници“ атар на село Степанци затекнато е едно лице од Прилеп на возраст од 41 година со патнички автомобил марка „лада“ натоварено со 1,5 метри куби сурови дабови дрва без жиг и соодветна документација кое е приведено во Полициско одделение Чашка. Пронајдени се уште пет други патнички автомобила марка „лада“ натоварени со по 1.50 м3 дабови дрва без жиг. Дрвата и возилата со потврда се предадени на Шумска полиција за понатамошна постапка –информираа од СВР Велес.
Годинава на овој предел во заеднички акции откриени беа повеќе групи на дрвокардци, сите од Прилеп, кои доаѓаат ја сечат шумата а дрвото потоа го продаваат. Познавачите велат дека се работи за организирана група, зад која стојат препродавачи на дрво, за кого работат лицата кои се откриени, како дрвокрадци. Тие за мали пари ги купуваа автомобилите исклучиво лада, кои се без светла, регистрации, туку служат само за превоз.
Tweet |