Петар Печков
Објавено: сабота, 12 мај 2012
Амбасадори и нивни заемници од шест земји денес беа во прошетка низ Велес во посетат културните знаменитости на градот и регионот. Тие имаа можност да ги видат куќата на поетот Кочо Рацин, Храмот Св. Пантелејмон и археолошкиот локалитет Стоби. Амбасадорите од Франција, Италија, Австрија, Швајцарија и замениците амбасадори од Германија и Косово неколку часа уживаа во старата велешка архитектура и убавините на стариот дел од градот.
Ги поканивме овие амбасадори, во неслужбена посета на Велес за презентација на културните вредности кои ги има градот, за локалниот економски развој и туристичкиот потенцијал. Имаме што да им покажеме, се гордееме со тоа и затоа ни е задоволство што сме денес домаќини на дел од дипломатскиот кор – рече Горан Петров, градоначалник на Велес.
Гостите ја посетија црквата Св. Пантелејмон која е изградена во 1840-тата година од Андреја Дамјанов и таа е споменик на културата, како и родната куќа на поетот Кочо Солев Рацин. Прошетката заврши со посета на археолошкиот локалитет Стоби.
Jас го познавам Велес, но денес го откривам од друг аспект. Други колеги пак доаѓаат за прв пат овде и го запознаваат овој пријатен град. Тоа е можност за сите нас, за билатерална соработка со локалните власти. Денешниот настан има симболика, бидејќи тоа е почеток на низа други содржини кои ќе можеме да ги следиме годинава во Велес – изјави Жан Клод Шлумберже, амбасадор на Франција во земјава.
Настанот беше насловен „Франкофонски излет“ а го организираше граѓанското здружение „Франкофонски круг“ од Скопје во соработка со Општина Велес, и во него учествуваа амбасадорите на земјите членки на ЕУ кои зборуваат француски јазик . Кај велешани големо внимание привлече оваа посета, по тесните градски сокаци. Уште повеќе кога еден од амбасадорите се возеше со популарниот и малку подзаборавен ,,цитроен жаба Де Гол,,.
Tweet |