Петар Печков
Објавено: понеделник, 12 февруари 2018
Вообичаено годишната програма за култура на надлежното Министерство предизвикува внимание во јавноста, бидејќи тоа се рамките во кои ќе се движи културниот живот во градот. Во саботата беше објавена програмата за оваа 2018-та година.
Стандардно како години наназад во Велес финансиски ќе бидат поддржани ,,Рациновите средби,, 15 Интернационален фолклорен фестивал „Велес 2018“ и Фестивалот на античка драма ,,Стоби,, за кој локалната власт најави дека годинава ќе паузира.
Годинава пред нас ќе има две значајни ретроспективни изложби -60 годишен јубилеј работа на академскиот сликар Ангел Петров и 50 години ликовно творештво на Војко Јаневски. Средства за создавање на Уметничка резиденција во Папрадиште во тамошниот Планинарскиот дом ќе добие ЕГ ,,Грин пауер,,.
Народниот музеј ќе добие средства за следните активности: Археолошко истражување на локалитетот Кале / Градиште - с.Згрополци, Археолошко истражување на локалитетот Кале - село Стари Град, Конзервација на камени споменици од збирката на ЛУ Народен музеј Велес, Истражување и изработка на конзерваторски проект на црквата св.Атанасиј во село Војница, Увид и документација на икони и црковен мобилијар во цркви во Велес и велешко, Реизданије на публикација Кочо Рацин “Живот и дело„ , Реконструкција на под во ММ партизанска печатница „Гоце Делчев,, како и за повеќе ликовни изложби.
Ако нешто може да се забележи дека годинава ќе има доста концерти на класика но и џез во Велес. Според програмата на Министерство за култура одобрени се средства за: концерт на Матеј Коруноски, концерт на Драган Гоневски, Илија Настовски - концерт на Арии и познати соло песни, Емилија Кабранова Филипова (Pezzanov Piazzola Project) - концерт со музиката од Астор Пјацола, Арда Мустафаоглу - пијано концерт, Стојан Димов - Clarinet Fantasy, Скопје Саксофон Квартет-Нинослав Димов - Skopje Sax 4x, Владан Дробицки - Македонска Џез Квечерина, Елена Атанасова Ивановска - Концерт-дуо пијано , Марија Муратовска-Наумовска - солистички рецитали, Макуба&Ексос Компанија.
Финансиски ќе биде поддржан и концертот на Ансамбл „Керамичар“за „Свети Кирил и Методиј“. Министерството за култура одвоило средства за работата на првата и единствена стрип библиотека во Македонија, која работи во Велес од Стрип центарот на Македонија. Тој ќе добие средства и за две изданија на ,,СТРИП КРЕАТОР“ (2 броја) како и три стрип изданија ,,Хацон,, ,,Крал Пребонд,, и „Климент Охридски“.
Во Велес ќе има гостување и на Театарски карван за деца со посебни потреби „Жапчиња 2018“Здружение „Култи-Ватор“ од Скопје.
Што Министерството за култура ќе финансира за театарската уметност, во посебен прилог.
Tweet |