Петар Печков
Објавено: сабота, 20 февруари 2010
Преподобен Партениј Лампсакиски (Тодорова сабота).
Се родил во Мелитопол. Во детството не добил никакво образование. Кога потпораснал, станал рибар и на тој начин се издржувал. Уште од младоста го засакал Бога со сето свое срце, така што Господ му дал дар со молитва да исцелува секакви болести. Кога чул за тоа, мелитополскиот епископ го повикал Партениј, се погрижил за неговото образование и подоцна го ракоположил за презвитер. Потоа станал епископ на градот Лампсак. Со оваа Црква управувал се до крајот на својот земен живот, во четвртиот век.
Првата сабота од Светата Четириесетница Православната Црква му ја посветува на споменот на чудесното јавување на Христовиот воин Теодор Тирон за избавување на христијаните од неумолливата скверност на царот Јулијан Отстапник.
А тоа стана вака: свети Теодор Тирон во времето на гонењата на царот Максимијан маченички пострада за верата Христова во 306 година. Педесет години по неговото преставување кај Бога царот Јулијан Отстапник намисли на подмолен и таен начин да ги измами христијаните, коишто ги презираше, со тоа што за време на Светата Четириесетница, кога христијаните најмногу се очистуваат од гревовите и се трудат да Му угодат на Бога, заповеда на пазарите храната што ќе се продава да биде претходно попрскана со крв принесувана на жртвениците на нечистите идоли.
Со ова христијаните купувајќи и јадејќи од храната на пазарите би се оскверниле. Но царот Отстапник не успеа во својата намера, бидејќи Бог му заповеда на храбриот воин Теодор Тирон не на сон, туку на јаве да му се јави на Константинополскиот архиереј Евдоксиј, предупредувајќи го за намислата на царот-Отстапник. Свети Теодор Тирон му предложи на блажениот Евдоксиј наместо да купуваат храна од пазарот, верните да употребат за јадење коливо, односно варена пченица. Со ова ја осуетија намерата на нечестивиот цар, а тој, пак, кога виде дека е откриена неговата измама, нареди повторно да се изнесе чиста храна на пазарите.
Tweet |