Петар Печков
Објавено: сабота, 29 декември 2012
МТВ
„Бела ноќ“ со четири оркестри и 100 поп и фолк-пејачи
Покрај многубројните специјално подготвени емисии за новогодишните празници, во националната ТВ-куќа најмногу внимание е посветено на содржините кои треба да ги забавуваат гледачите вечерта на 31 декември. По централниот Дневник на МТВ, ќе започне новогодишното издание на Џамбо бинго, за веднаш потоа празничното расположение да продолжи со екипата на „Стисни плеј“, односно Александра и Марко коишто заедно со Калиопи, Дани, „Ај кју“, „Пеперминт“ и други македонски пејачи ќе ја доловат празничната атмосфера на градскиот плоштад.
Централната новогодишна програма насловена „Бела ноќ“ ќе стартува на програмата на 31 декември во 21,30 часот. Гледачите ги очекува вистинско шоу во кое учествуваат четирите реоформени оркестри на МРТ – Танцовиот, Големиот народен оркестар, Чалгиите и Оркестарот на изворни инструменти, околу 100 врвни пејачки имиња и групи од македонската поп и фолк- естрада, со исто толку незаборавни музички рефрени, а во улога на водител на програмата е неповторливиот Игор Џамбазов. „Емисијата, сценариото и репертоарот се подготвуваше речиси еден месец, Музичката продукција на МРТ интензивно работеше на аранжманите на избраните композиции, како и на секојдневно вежбање на оркестрите, се снимаше со комплетна изведба во живо цели три дена во Студио 3 на МТВ за сето тоа да изгледа гламурозно и свечено.
На гледачите им гарантираме одлична забава за најлудата ноќ која ќе ги анимира доволно долго по полноќ“, велат од МТВ. Тие за новата година, на први, вторник ќе го прикажат филмот,,Хари Потер и редот на Фениксот,,. Не пропуштете го последнито филм, прекрасната драма на Лабина Митевска ,,Жената која ги зибриша солзите,, кој ќе се прикаже четврток на 3-ти јануари во 20,15 часот.
АЛФА ТВ
Стари македонски песни и новогодишно издание на „Зајди, зајди“
И оваа година АЛФА ТВ сними две новогодишни емисии кои ќе се емитуваат на програмата за време на новогодишната ноќ. Загревањето на атмосферата во највеселата ноќ во годината ќе започне на 31 декември во 20,30 часот со едночасовна емисија во која забавните пејачи ќе пеат стари македонски народни песни во нов аранжман кој Благој Маротов го направи специјално за оваа новогодишна емисија.
Во емисијата учествуваат Биба Додева, Елена Ристевска, Кристина Арнаудова, Марјан Стојановски, Ѓоко Таневски и Влатко Лозаноски во придружба на квинтет специјално оформен за потребите на емисијата, а водителки на емисијата се Анкица Стојановска, Ивана Илиевска и Бона Пауновска. Веднаш по завршувањето на оваа емисија, ќе следува новогодишното издание на „Зајди, зајди“, кое ќе го водат Зуица Лазова, Бојана Тевчева и Гоце Андреевски, а во кое ќе настапат повеќе пејачи од фолк-естрадата, но и многу нови таленти кои беа откриени минатата година благодарение на проектот „Зајди, зајди талент“, кој АЛФА ТВ го правеше низ цела Македонија.
Како и сите претходни години во нашите новогодишни емисии, нема плејбек, се пее и свири во живо, а емисиите се снимени во убавиот амбиент на хотелот ’Александар палас‘. На 1 јануари гледачите ќе можат да уживаат во уште една новогодишна продукција со Каролина Гочева и темите од нејзиниот албум ’Македонско девојче‘, а секако нема да ги изоставиме ни македонските забавни евергрини од новата емисија ’Еден бакнеж‘ од кои подготвивме новогодишен коктел , додаваат од телевизијата.
СИТЕЛ
Новогодишна шоу-програма, холивудски блокбастери и „Штрумфови“ на македонски
За новогодишните празници Сител ТВ подготви разновидна програма за сите категории гледачи. „За најмладите имаме навистина разновидна понуда: неизбежната ’Приказна за Дедо Мраз‘, тука се и ’Штрумфови‘ синхронизирани на македонски, потоа новогодишна детска претстава и премиерно на Сител - најновото издание на фестивалот „Златно славејче“, велат од телевизијата.
Љубителите на филмот ќе можат да уживаат во празничната филмска понуда – холивудските блокбастери на Сител, а оние што сакаат забава, нека не го пропуштаат извонредното новогодишно издание на квизот „Се' или нешто“. Вистинската забава допрва доаѓа со гламурозната новогодишна програма на Сител: многу гости, пејачи, актери, музика, хумор и чочек за вистински дочек на Новата година!
КАНАЛ 5
„Величествениот“ ја отвора новогодишната ноќ
Вечерта на 31 декември на самиот пречек на Новата година, покрај новогодишните изданија на емисиите „Гответе со Антонио Јанковски“ и „Екстра ексклузив“, одбројувањето завршува и на најлудиот ден ја почнуваме третата сезона на најгледаната серија на сите времиња во Македонија - „Величествениот“, информираат од Канал 5. Веднаш по него, програмата продолжува со урнебесната комедија „Две фамилии“, која ги собори сите рекорди на гледаност во Турција.
И тогаш кога атмосферата веќе почнува да се загрева, ќе стартува и новогодишната музичка емисија на Канал 5, која ќе ги забавува гледачите од 22 до 2 часот по полноќ. „За оваа новогодишна вечер се одлучивме да го понудиме најдоброто од македонската музичка сцена - најдобрите пејачки имиња и најдобрите македонски песни, сето тоа на едно место. Акцентот на музичката програма ја ставивме на народната македонска музика, која секогаш ја зоврива атмосферата оваа вечер“.
Наредниот ден, 1 јануари, вечерните часови повторно се резервирани за „Величествениот“ и „Две фамилии“, а по нив, музичкиот дел од програмата, задолжен за убаво празнично расположение ќе биде со концерти на најголемите балкански музички ѕвезди - Цеца, Лепа Брена, Харис Џиновиќ. Во текот на празничните денови Канал 5 ќе понуди и нови новогодишни филмови кои ќе го задоволат вкусот и ќе го задржат вниманието на гледачите.
ТЕЛМА
Наум Петрески со три дами за старт на 2013 година
Сите емисии во празничните денови имаат и свои празнични изданија, а акцентот во најдолгата ноќ е ставен на новогодишната програма, која започнува во 21,10 часот (претходно за најмалите „Дедо Мраз доаѓа во градот“, 20,15 часот). Како и секоја година, Телма и' дава предност на музиката и на квалитетните изведувачи и изведби во живо.
Програмата ќе стартува со популарна класична музика во изведба на виолинистката Пламенка Трајковска и гудачкиот состав „Стрингс“, по нив „Силви бенд“, а програмата продолжува со Ристо Самарџиев и Влатко Илиевски. Во првите минути на Новата година ќе не' воведе Наум Петрески и неговите три дами: сопругата Зуица Лазова, ќерката Анастасија и фолк-пејачката Виолета Томовска. Новогодишната програма ќе ја отвори Бранка Костиќ-Марковиќ.
Tweet |