речник контакт

Што се случувало во ресторанот Биг Фиш пред убиството на велешаните

Зошто саботниот број на Дневник, во Велес беше разграбен уште изутрина? За тие што не можеле да го прочитаат текстот, еве го во продолжение

Петар Печков

Убиецот застана до нас и рече: „‘Ркул, дигни ја главата!“. Јордан се' уште јадеше и беше наведнат, па додека ја крена главата, Тони почна да пука кон него. Уште кога го испука првиот куршум знаев дека ‘Ркул е мртов. Тони пукаше сакајќи да не' убие сите што седевме на масата, рекла преживеаната девојка пред истражниот судија

Го гледав Тони во очите. Беше мртов ладен и имаше празен поглед. Не чувствуваше ни тага ни среќа, едноставно не трепна. Пукаше за да не' ликвидира сите на масата.

Ова е дел од кусата изјава што ни ја даде девојката што го преживеа трикратното убиство во ресторанот „Биг фиш“ во Трговскиот центар „Три бисери“ во Скопје, каде што Тони Денковски со автоматска пушка ги изрешета велешаните Јордан Јорданов - ‘Ркулот (37) и Влатко Андреевски - Пичот (26), и полицаецот Владо Милошев (36) од Скопје. Девојката, чиј идентитет нема да го откриеме во интерес на истрагата, не сакаше во детали да зборува за случајот и рече дека се' што имала рекла во истрагата. Таа е револтирана од, како што вели, „шпекулациите што секојдневно се објавуваат во медиумите“ и токму затоа одбива секаков контакт со новинарите.

Само кратко ни рече дека ги познавала ‘Ркулот и Владо, а дента кога се случи трикратното убиство Пичот го видела вторпат во животот.

„Дневник“ дојде до делови од изјавата што девојката ги дала во истрагата и дел од нив ќе ги објавиме, а дел во интерес на истрагата не ги објавуваме.

Во минатиот четврток ‘Ркулот дошол во Скопје и и' се јавил за да се видат. Заедно со Пичот отишле во ресторанот „Биг фиш“ и седнале на една од масите. По кратко време ‘Ркулот му се јавил на познајникот Владо, кој живеел во близина. Го замолил да дојде, но тој рекол дека е зафатен со работа околу станот и оти ако можел, ќе дојдел подоцна.

- Владо, сепак, дојде и ни рече да се преместиме на друга маса, на која тој редовно седел. По 5 до 10 минути влезе Тони, кого првпат во животот го видов тогаш. Беше со уште еден човек, но не го ни видов убаво. Дојде до нашата маса и се поздрави со ‘Ркулот и со Влатко. Немаше никаква тензија, но немаше ниту некоја посебна срдечност. Не си кажаа ниту еден лош збор. Тој потоа седна дијагонално од нас и ручаше. Никој на нашата маса не го спомна подоцна - рекла девојката пред истражните судии. Во истрага таа рекла дека не забележала кога и дали Тони излегол од ресторанот, но следниот пат кога го видела тој стоел до нив држејќи во рацете нешто што отпрвин и' личело на крпа.

- Тони застана до нас и рече: „‘Ркул, дигни ја главата!“ Јордан се' уште јадеше и беше наведнат, па додека ја крена главата, Тони почна да пука кон него. Уште кога го испука првиот куршум знаев дека ‘Ркул е мртов. Тони пукаше сакајќи да не' убие сите што седевме на масата - рекла таа.

Во следните неколку мига целиот ресторан се испразнил.

- Влатко беше застрелан и имаше празен поглед. Му ја држев раката велејќи му дека никој не умира сам. Го забележав и Владо, кој седеше некако згрчен и неподвижен, но не можев да видам дали е ранет. Го замолив да стане. Бев убедена дека ќе остане жив - рекла девојката пред истражниот судија.

За тоа време Тони излегол од ресторанот одејќи пополека. Очевидци велат дека тој никаде не брзал. Се ослободил од пушката и продолжил да оди. Наводно им се јавил на своите дома барајќи да не спијат во куќата.

Наредниот ден Тони сам се пријавил во полициска станица. Тврдел дека поради долг го убил ‘Ркулот. Тој сега е во истражен затвор каде што ќе го чека судењето.


‘Ркулот бил под притисок да се врати во наркобизнисот

„Дневник“ дознава дека ‘Ркулот подолг период се обидувал да се тргне од криминалот и поради семејството не' потклекнувал под притисокот да се врати во наркобизнисот. Наводно одредени структури повеќе од една година го притискале да се врати во Германија, каде што неофицијално имал развиено наркобизнис како дел од таканаречената Франкфурт-мафија.

Причината поради која тој одлучил да води чесен живот било семејството. Едно од децата имало траума од неговото апсење во Велес и оттогаш рекол дека е доста. Имал доволно пари да почне легален бизнис и во последно време се занимавал со недвижности. На блиските им велел дека сака сите да дознаат дека сега е чист, но знаел дека од минатото не може да побегне. Никогаш не им се доверил на блиските кој го притиска да се врати во бизнисот. Пријателите велат дека ‘Ркулот никогаш немал дебело криминално досие, како што се шпекулира по медиумите, и осомничен е само за нелегално поседување оружје, за што немал ниту правосилна пресуда. Затоа и бил на слобода. Оние што го познавале велат дека тој никогаш не носел оружје со себе и никогаш не му била потребна лична заштита.

преземено од Дневник

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »