Петар Печков
Објавено: понеделник, 18 март 2024
Вработените од Македонски Пошти претпладнево од 8 до 10 ч. протестираа пред зградите на Пошта. Така беше и во Велес, каде во овој термин не се работеше со странки. Штрајкот е во организација на Синдикалните организации на Македонска Пошта. Преку него се бара исплата на платата за февруари и решение за состојбите во Пошта.
Според Синдикатот на Македонска пошта, поради алармантноста на состојбите и финансиската криза во која е доведена АД Пошта, вработените се загрижени за опстојување и иднината на Пошта, зачувување на работните места и егзистенција на нивните семејства.
„На протестот вработените ќе го изразат револтот и загриженоста од серизноста на состојбите во која е доведена АД Пошта предизвикани од финансиската криза, крајно лошата организација во работењето, необезбедени услови и средства за работа, а најголемата загриженост и револт кај вработените е предизвикано од грубото непочитување на работничките права од страна на работодавачот. Односно, работодавачот и покрај законската обврска за редовна исплата на плата, не им исплати плата на работниците во законскиот рок до 15-ти во месецот, за февруари 2024 година доведувајќи ги работниците до работ на егзистенција и неможност за обезбедување пристоен живот на нивните семејства, со тоа работодавачот го прекрши елементарното работничко право на плата и непочитување на достоинството на работниците“, наведува во пишана изјава претседателот на Синдикатот на Македонска пошта Боро Велигденов.
Штрајкот продолжува се до исполнување на барањата
Tweet |