речник контакт

Штрајкот во мирување, железничкиот сообраќај без застој

Директорот на МЖ Транспорт и Штрајкувачкиот одбор по средбата информираа дека е постигнат начелен договор околу барањата на синдикатот

Петар Печков

Независниот синдикат на машиновозачите на Македонија (НСММ) по денешната средба со раководството на МЖ Транспорт а.д Скопје го стави во мирување штрајкот што го почна вчера изутрина.

Директорот на МЖ Транспорт Оливер Деркоски и Штрајкувачкиот одбор (ШО) по средбата информираа дека е постигнат начелен договор околу барањата на синдикатот за исплата на платата во цел износ на крајот на месецот и за одлуката за прераспоредување на двајца машиновозачи на пониски работни позиции.За десетина дена треба да завршат и разговорите за потпишување Колективен договор.

Деркоски изјави оти менаџментот на претпријатието ќе вложи максимални напори за исплата на целиот износ на платата до крајот на месецот зависно од состојбата во МЖ Транспорт. Синдикатот не беше задоволен од досегашната исплата на платата на две рати.

Според Миле Николовски, претставник на Штрајкувачкиот одбор, начелно се усогласени ставовите со раководството и околу пресметката на платите и се очекува реализација со потпишување на Колективниот договор за околу десет дена.

Во МЖ Транспорт се вработени 1.270 лица, од кои околу 200 машиновозачи и помошници машиновозачи. Покрај НСММ, функционираат уште пет синдикати. Во тек на штрајкот на НСММ, што почна вчера изутрината, немаше никакви прекини во железничкиот сообраќај и покрај најавата од Синдикатот за редуцирано сообраќање на возовите. Според тврдењата на раководството на Синдикатот, машиновозачи што не се членови на НСММ, прифатие да работат под притисок на менаџерскиот тим.

Таквите тврдењата ги демантираше Деркоски, според кого во тек на штрајкот од вкупно 200 машиновозачи и помошници, штрајкувале само петмина. Независниот синдикат на машинскиот персонал на Македонија не доби поддршка за штрајкот од своите колеги од Синдикатот на машинскиот персонал.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »