Аница Солева
Објавено: четврток, 25 мај 2006
Општина Велес е првата општина во Македонија која доби нова сала со систем за електронско одвивање на седниците на Советот на општината. На свеченоста на која присуствуваа голем број претставници на меѓународната заедница, меѓу кои и госпоѓица Сандра Блуменкамп, директор на Светска Банка за Република Македонија, новата сала ја предадоа во употреба Министерот за локална самоуправа Ризван Сулејмани, Градоначалникот на Општина Велес Аце Коцевски и претседателот на Советот на Општината Марјанчо Николов. Првиот систем за електронско одвивање на седниците на Советот симболично го активираше Министерот Ризван Сулејмани. „Вечерва Велес влегува во модерната ера на информатика и покажува дека кога се има воља и знаење можат да се направат работи со кои се гордееме. Ова е добар пример на децентрализација, кога општините што знаат да работат постигнуваат резултати. Поделете ги овие искуства и помогнете им на другите општини да дојдат до вакви постигнувања“, рече меѓу другото министерот Сулејмани. Во своето обраќање пред присутните гости градоначалникот на Општина Велес Аце Коцевски ги презентираше постигнатите резултати и приоритетните заложби на општината на планот на имплементацијата на информатичката технологија. „Примарна цел во понатамошните заложби за имплементација на информатичката технологија за Општина Велес останува обезбедувањето на квалитетни, брзи и евтини електронски услуги за граѓаните. Нашите амбиции не завршуваат овде. Општина Велес веќе работи на воспоставување на едношалтерски систем на услуги за што ја добивме поддршката од УСАИД. Верувам дека не е далеку денот кога граѓаните на Велес сите услуги ќе ги добиваат не во канцелариите на општината, туку од нивните домови по електронски пат. Верувам дека чекорот што го правиме вечерва ќе донесе нова енергија, нов импулс на развој, дека ќе ја разбуди уште повеќе жедта за нови знаења кај сите генерации велешани“, рече Коцевски. Марјанчо Николов, претседател на Советот на Општина велес изрази задоволство од како што рече можноста овој состав на Советот на општината да биде првиот што зачекори во Европа.„Електронското одвивање на седниците значи ефикасни процедури, скратување на времето за подготовка на седниците и пред се отворање можност заштеденото време да се искористи за решавање на што поголем број проблеми и предизвици со кои се соочуваат граѓаните“ изјави Николов. Својата прва електронска седница, Советот на општина Велес ја одржа во сала опремена со 25 преносни персонални компјутери и систем за озвучување. Средствата за реконструкција на салата и компјутерската опрема ги обезбеди Општина Велес. Извор: [url=veles.gov.mk/index.php?option=com_content&task=view&id=199&Itemid=19]veles.gov.mk[/url]
Tweet |