Петар Печков
Објавено: четврток, 21 декември 2023
Агроиндустриската Групација „Агриа“ од Велес е добитник на престижното признание „Македонски квалитет 2023“ кое го доделува Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) под покровителство на претседателот Стево Пендаровски.
Оваа награда ја добија десет компании од Македонија, кои се квалификуваа и ги исполнија условите, информираат од ССК. Добитници на годинашните признанија освен „АГриа“ се „Виталиа Никола и др“, „Винарија Милев“, „Бучен Козјак ДОО“, „Рикомак“, „Сигма СБ“, „Еуро Консалт Плус“, „Кав Комерц“ „Центар за очи – Визиа“ и „Билкилајф - центар за хербализам,туризам и одржлив развој“.
„Овие претпријатија не само што не отстапија од својата посветеност на квалитетот, туку креираа своја специфична препознатливост во својот сектор и придонесоа за повисок економски раст и промоција на нашата економија со нивната препознатливост да креираат квалитетни производи и услуги. Малите и средните претпријатија играат единствена, активна и круцијална улога во економскиот развој, иновациските процеси, технолошките достигнувања и подобрувањето на целокупниот амбиент, како и целокупното ниво на нашата економија. Тие на најдобар можен начин ја претставуваат енергијата на претприемачкиот дух и во суштина го стимулираат економскиот развој“ - кажа и Трајан Ангелоски, претседател на Сојузот на стопански комори на доделувањето на признанијата во „Вилата Водно“.
Избраните десет компании докажале дека можат зацртаните и поставените цели да ги реализираат.
„Овој приоритет подразбира зголемување на продуктивноста, подигнување на конкурентноста на економијата, масивно вложување во иновациите и технолошкиот развој, за кои денеска избраните издвоени компании се веќе препознатливи на пазарот“ додал Ангелоски.
Оваа манифестација се одржува секоја година во знак на оддавање признание и промовирање на деловните успеси на македонските претставници на национален бренд за тековната година.
фото ФБ/ Стево Пендаровски
Tweet |