Петар Печков
Објавено: понеделник, 18 јануари 2016
Велешки „Брако“ доби кредит од 2 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за набавка на нова и современа енергетски ефикасна опрема. Како што соопшти денеска ЕБОР, кредитот ќе и овозможи на водечката македонска компанија во областа на инженеринг и обработка на метални производи да инвестира во нова енергетско-ефикасна опрема за производство на жичани производи, и да набави опрема за преработка на метал, со цел да ја подобри производната ефикасност и квалитет на другите метални производи.
Учеството на банката во инвестицијата ќе го поддржи растот на компанијата во однос на производите со поголема додадена вредност во вкупното портфолио, и оние производи наменети за извоз -се вели во соопштението.
Во изминатава деценија „Брако“ инвестираше во развој на нова производствена програма, воведувајќи производи со висока додадена вредност, како што се медицински помагала и мебел, металните додатоци, програма на транспортни ленти, телекомуникациска опрема и опрема за хидро централи.
Континуираната имплементација на нови современи технологии достапни на пазарот, на енергетски ефикасен начин, претставува важен составен дел за конкурентен и успешен бизнис. Сигурни сме дека со финансирањето на овој проект, ќе му помогнеме на ’Брако‘ да го зајакне портфолиото на производи и извозот на странските пазари - вели Анка Јоана Јонеску, претставник на ЕБОР за Македонија.
Кочо Анѓушев, претседател на бордот на директори на „Брако“, вели дека во компанијата се посветени на постојано проширување на производствените капацитети преку набавка на нова и поефикасна опрема.
Сакаме да го подобриме квалитетот на нашите производи, да ги намалиме оперативните трошоци и да го зголемиме производниот капацитет со цел да го задоволиме растот на побарувачката. Благодарение на ЕБОР ќе можеме да ги постигнеме нашите цели - истакна Анѓушев.
Tweet |