Петар Печков
Објавено: среда, 27 јануари 2016
Американскиот „Вашингтон пост“ го смести виното „Вранец Веритас“ од бербата од 2011 година на винаријата „Стоби“ меѓу најквалитетните вина од Балканот и од Мала Азија. Стручњакот Дејв Мекинтаер во тесната селекција го става „Вранец“ меѓу петте исклучителни вина од Балканот.
„Вранец е темно црвено грозје кое е поврзано со калифорнискиот зифандел и со балканскиот плавац-мали. Станува збор за прекрасно вино со убав мирис кое совршено оди со чадено месо или со говедска чорба“, посочува Мекинтаер.
Деновиве и американскиот весник „Инфорум“, како и критичарот Рон Смит за „Пино Ноар“ на „Стоби“ истакна дека станува збор за вино кое вреди да се проба и Македонија ја опиша како силен играч во интернационалната винска сцена.
Критичарот на „Инфорум“ посочува дека „Пино Ноар“ е лесно црвено вино со рубин нијанса и со силна арома на шумска јагода.
„Поттекнува од Градско кое е на иста географска ширина со Бургундија и со Руската речна долина и регионот е познат по нивните вина ’Пино Ноар’ и ’Шардоне’“, пишува Рон Смит.
Веритас - ВРАНЕЦ ВЕРИТАС
Рустичниот и корпулентен Вранец созреан во дабови буриња, со интензивна темно-рубин боја и специфичен ароматски комплекс на капина, вишна и карамел, го отсликува нескротливиот темперамент на сортата. Овој балкански претставник одгледан во срцето на Тиквешкото виногорје, гордо го носи името кое e синоним за вистински вранец, со богат вкус и потенцијал за стареење во шише.
Најдобро е да се служи на 15-17°C со печено свинско, пршута, дивеч, масно сирење, јагнешко и телешко.
Tweet |