Петар Печков
Објавено: четврток, 10 ноември 2022
Во Ликовниот салон во Велес отворена е изложба на авторот Трајче Чатмов, родум од Велес а живее и работи во Скопје. Со неа се одбележа Денот на Општината 9 Ноември. На изложбата се претставени четириесетина дела во акрилна техника, именувана е „Интимно понирање“.
„Мотивите се различни, делата се дел од една серија на творење која уште трае. Тоа се лични моменти , создавани кога си сам, комуницираш сам со себе си, не осамен. Работени се последните две години во времето на затвореноста на пандемијата, кога се соочуваш со сам себеси. Имаш слободно време и твориш“ - кажа авторот Чатмов.
Дел од сликите се претставуваат прв пат во јавноста а дел веќе биле изложени на неговите изложби во Куманово, Скопје.
На изложбата присуствуваше и актерот Зоран Љутков, како претседател на Советот.
„Имам чувство и претстава дека овој, за Велес најзначаен ден, треба да биде како една голема манифестација. Велес е расадник на уметници, од повеќе области. Чатмов немал неколку години изложба во родниот град а редовно го следам, дека има изложби во други градови и затоа го поканивме во родниот град. Тој со своето творештво ни го отсликува неговиот свет во кој живее и добро е што ја организиравме оваа изложба “’ - кажа Љутков.
„Со Чатмов се знаеме од студентските денови, од 1992. Кога го гледам како автор ги гледам сите заеднички мигови како сме растеле, како ни се вкрстуваа и разделуваа творечките патишта. Како целина тој е многу посветен. Тој е секојдневно сликар, автор, твори. Проблемот со кој на „белото платно“ со кој се соочува сликарот е најстрашната работа. Истовремено и убава. Целото негово творештво е подвиг, херојство, кое го покажува патот натаму. Неговата изложба е дел до мозаик кој Трајче го создава и не` наградува со нови вредности“ - рече Гоце Наневски професор на Факултетот за ликовни уметности.
Трајче Чатмов дипломирал на Факултетот за ликовна уметност во класата на Рубенс Корубин - педагошко сликарство, а магистрира во класата на Родољуб Анастасов, сликање и естетика.Ова е негова трета самостојна изложба во родниот град.
Tweet |