Аница Солева
Објавено: среда, 02 август 2006
Велешката фирма „Киро Ќучук“ остана без хотелот „Горно Врановци“ бидејќи овој имот не го прикажала при трансформацијата на друштвото. Оваа одлука ја донела поранешната Агенција за приватизација, сега Сектор за деловни средства по основа на трансформација.
Агенцијата утврдила дека хотелот „Горно Врановци“ не е пријавен во структурата на капиталот на „Киро Ќучук“, поради што тој преминува во државна сопственост и со него ќе управува Јавното претпријатие за стопанисување станбен и деловен простор.
„Киро Ќучук“ вложил жалба на оваа одлука, но таа во второстепена постапка била одбиена. По ова од велешкиот катастар е побарано хотелот да се запише како сопственост на државата.
Во катастарот изјавија дека го добиле решението и е во тек постапката за пренос на имотот. Останува само да се изврши премер на објектот. Од Секторот за деловни средства најавија дека наесен планираат продажба на хотелот во Горно Врановци.
Тој има 48 соби со 140 легла и е изграден пред 25 години. Со него во изминатиот период стопанисуваа и претпријатијата „Интернационал“, „Југотутун“, „Топилницата“, но поради нерентабилноста често се менуваа.
Tweet |