Петар Печков
Објавено: понеделник, 12 декември 2022
Четврток вечер со почеток во 20 часот, на големата сцена „Петре Прличко“, ансамблот на Велешки театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ премиерно ќе ја изведе претставата „Креонт и Антигона“. Тоа е авторски проект на режисерот Дејан Ангелов.
„Креонт е антипод на Антигона, но не целосен. Бидејќи и тој ја носи во себе Антигона. Неговиот конфликт не е со Антигона, туку со самиот себе. Антигона е само надворешна проекција на конфликтот внатре во него со заглушеното премудро дете. Тоа е повеќе трагедија за Креонт отолку за Антигона. Бидејќи тој што ја прави трагичната грешка e Креонт и неговиот хибрис е арогантноста спрема детето во него. Тој што треба нешто да научи или поточно да се присети е Креонт. Aко му се довериме на Јунг кој вели дека чувството е поумно од студениот разум тогаш човекот денес мора да си ја врати загубената сила на детското „незнаење” и одново да мисли со целото суштество, а не само со умот. Антигона во една реченица е драмски текст кој што најпластично ја илустрира Кантовата максима/принцип: „Ѕвезденото небо над мене, а моралниот закон во мене.” Односно, единствено оружје на човекот против бескрајот и апсурдот е моралниот закон внатре во него – или совеста – Антигона е нејзин инструмент“ - вели режисерот Ангелов.
Во создавањето на претставата се користени текстови од Жан Ануј, Софокле и други извори. Ролјите се доверени на: Самоил Стојановски – Креонт, Кристина Зафирова – Антигона, Слободанка Чичевска – Хор, Елизабета Стефановска – Исмена, Исидор Јовановски – Хемон, Фаик Мефаилоски – Стражар и Едис Дурмишевски – Дете.
Покрај режисерот Ангелов, во претставата соработувале сценографија- Филип Коруновски, костимографија Раде Василев, композиторот Ставре Ангелаков, а плакатот е дизајн на Никола Пијанманов. „Креонт и Антигона“ е трета премиера на Велешкиот театар за оваа година, по „Елегија во пет здива“ и „Инферно“.
Tweet |