Петар Печков
Објавено: вторник, 02 ноември 2021
На потпорниот ѕид под Градскиот сат во Велес, нацртен е нов мурал во градот. Насловен е „Ленка“ по песната на Рацин. Муралот е на 60 м2., нацртан од Бранкица Јордановска, дипломирана графичарка на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, додека текстот од песната претставен на муралот е изработен од дизајнерот Ласко Џуровски според анализи на оригинални документи со ракописот на Рацин. Муралот ја претставува песната„Ленка” од Кочо Рацин, илустриран со цртеж во комбинација со текст.
„Темата за муралот е дејноста и делата на истакнати домашни дејци и автори во сферата на културата и литературата, кои имаат директен придонес во развојот на државноста, придонеле во создавањето или во зачувувањето на културното наследство“- објаснуваат од носителот на проектот „Фрагмент Комуникации” додека задолжен за цртањето и илустрацијата е „Студио КР7 ТП”.
Сликањето на муралот е дел од проектот „Градиме култура, сликаме култура – мурали за 30 години независност”. Со него се сликаат ѕидни слики, во седум различни градови, во Богданци, Кавадарци, Кратово, Крива Паланка, Скопје, Струга и Велес. Проектот е финансиран и Владата, додека пак Општина Велес обезбеди сместување и оброци за авторскиот тим.
Tweet |