речник контакт

„Леов“ го произведе првиот „смарт-бојлер“ во светот

Производ кој е 100 отсто македонски, од бојлерот до термостатот, а и апликацијата за мобилен телефон е македонска

Петар Печков

Компанијата „Леов“ го произведе првиот „смарт-бојлер“ во светот. Производ кој е 100 отсто македонски, од бојлерот до термостатот, а и апликацијата за мобилен телефон е македонска. Ова значи дека не ви е потребен човек дома за да вклучи бојлер, туку тоа можете да го направите и преку мобилниот телефон за кој е креирана специјална апликација. Производот на македонскиот пазар ќе биде пуштен во септември.

„Бојлерот го изработи компанијата ’Леов‘, електронскиот термостат е на СМД, а АРАНЕА ја изработија мобилната апликација. Во овој брз начин на живот кога речиси нема човек дома, овој ’смарт-бојлер’ ќе може да се вклучува од каде било преку мобилниот телефон. Секој може да го користи многу лесно, а известување, односно нотификација за каква било команда ќе добиваат другите членови на семејството кои ја имаат апликацијата на мобилен телефон“, изјави генералниот менаџер на компанијата „Леов“, Златко Леов.

Според перформансите, новиот електронски термостат на „смарт-бојлерот“ може да заштеди и до 40 отсто електрична енергија за разлика од електромеханичкиот на старите модели. Бојлерот, исто така, има и четири нови функции, антибактериска, има заштита од замрзнување, заштита од греење на суво и детектирање грешка во сензорот.

Компанијата „Леов“ постои 30 години, извезува во 25 земји и освен во Европа имаат интенција да извезуваат и во Азија. Произведуваат во три града, а нивниот извоз изнесува 12 милиони евра.

Според претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, иновативноста на компаниите е клучна за нивен развој и извоз, а компанијата „Леов“ е пример за другите компании и таа може да се носи со светските компании кои инвестираат во Македонија.

„Компанијата ’Леов‘ произведува производи кои се препознатливи и се бренд во регионот и Европа. Иновативноста, квалитетот, додадената вредност се клучните за извозот на македонските производи на светските пазари“, изјави Азески.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »