Петар Печков
Објавено: недела, 05 февруари 2012
Кризата нема крај. Затоа многумина Грци се решаваат да ја напуштат татковината. Освен класичните цели - прекуокеанските и европските земји, многумина се интересираат и за Турција.
„Сакам да си заминам, со сопругот и ќерка ми. За неа овде нема иднина. Јасно, секој почеток е тежок, но секаде е подобро отколку овде. Ако успееме, сакаме да заминеме во Истанбул. Ако не, тогаш Австралија. Но, главно надвор оттука“, вели една жителка на Атина во телевизиско шоу.
Истанбул е првиот избор. Некогашниот непријател број еден - Турција, сега станува ветената земја за многу Грци. Многу работи се сменија во односите меѓу двете земји, смета професорот Димитриос Триантафилу, кој веќе една година предава во Истанбул. „Откако меѓу двете земји настапи период на релаксирани односи, пред околу 12 години, некои работи се сменија и во главите на двата народа - во прифаќањето на другиот.
Оваа промнена доведе до тоа, Грците во зависност од образовното ниво, покрај традиционалните цели за миграција на запад, на пример Велика Британија, САД, Германија или Франција се повеќе се прашуваат: Зошто не си ја испробам среќата во Турција?“
Не само парите, културата во Истанбул ги привлекува Грците
За професорот Димитриос Триантафилу турската опција е успешен модел. Тој во меѓувреме раководи со центарот за меѓународни и европски студии на Кадир - Хас универзитетот во Истанбул. Токму за академските граѓани Турција е интересна цел. „Како академци знаеме од статистиките, дека најмалку два од 100 најдобри универзити во светот се наоѓаат во Турција. Во Грција немаме такво нешто“.
За масовно движење до сега не може да стане збор. Триантафилу познава 20 академци, кои се преселиле во Труција и околу 300 студенти, кои вредно учат турски јазик. Старите стравови кај младите ги нема, подвлекува колегата на Триантафилу, професор Никос Усунолу. „Пред се младите луѓе, кои лично немаат лошо искуство со Турција, сакаат да дојдат во Истанбул. Тие се обземени од културната сцена и динамиката на градот. Се разбира тоа е само почеток. Статистики нема. Но, пред 10 или 20 години никој немаше да верува во тоа.“
Грчки пилоти во турски авиокомпании
Впечатлив е бројот од 40 грчки пилоти, кои седат во кокпитот на авиони на турските авиокомпании. Имено, сите тие биле претходно членови на грчкото воено воздухопловство. Турција, како цел за миграција не е атрактивна само поради економскиот бум. Близината овозможува, да не мора целото семејство веднаш да се сели и доколку е неопходно, иселениците веднаш може да се вратат дома. Кон ова се надополнува и сличниот начин на живот. Ова особено важи за Истанбул, вели професорот Триантафилу. „Мислам, кога Грците ќе дојдат овде, во оваа земја, и особено и кога ќе дојдат во Истанбул, заклучуваат колку се блиски двата народа по многу карактеристики: културата на јадење, ноќниот живот итн. Ова на многумина им олеснува да ја донесат одлуката“.
Така, климата и конзумот се многу слични, се разликуваат само поимите: грчкото узо на турски е раки, а гирото во Турција е донер, конечно и Истанбул некогаш се викаше Константинопол.
преземено од Дојче Веле на македонски јазик
Tweet |