Аница Солева
Објавено: петок, 10 февруари 2006
Карпа тешка 30 тони се заканува целосно да го уништи велешкиот Соборен храм „Св. великомаченик Пантелејмон“. Вчера вечер (08.02.2006), од критично надвиснатата карпа на ридот Вршник, се одрони еден дел. Одронот, голем колку еден автомобил, се излизга по стрмниот рид, урна десетина метри од камениот ѕид и заврши во дворот на црквата. Од лизгањето на карпата, целосно е уништен еден придружен црковен објект и 10-на гробни места. Одронот причини материјална штета, првично проценета на 10.000 евра. „Постои и опасност од ново одронување. Демнее една голема карпа над самиот храм, со големина од околу 5 метри кубни. Затоа, апелираме да се санира што поскоро од надлежните институции“, изјави протојереј Зоран Грозданов, старешина на Соборниот храм „Св. великомаченик Пантелејмон“, Велес. Свештениците панично бараат помош од Националниот конзерваторски центар на Министерството за култура и од Управата за заштита на културно наследство. Велат, на националниот културен споменик, за кој заштита најави и УНЕСКО, потребна му е итна помош поради можно целосно уништување. [url=www.a1.com.mk/vesti/default.asp?VestID=58091]www.a1.com.mk[/url]
Tweet |