Петар Печков
Објавено: четврток, 31 октомври 2019
Сабота вечер е премиерата на комедијата „Слуга на двајца господари“ работена по текст на Карло Голдони а во адаптација и режија на Ненад Витанов. Таа е трета премиера од годишната програма на Министерството за култура на велешкиот театар ,,Јордан Хаџи Константинов Џинот,,.
Претставата е комедија, која зборува на современ јазик, за проблемите кои се вечни. Тоа е светот на богатите и сиромашните. Во животот е социјална драма а во театарот е комедија. Главниот јунак се бори да врзе крај со крај, не месец за месец, туку ден за ден. Низ неговата приказна го следиме цело едно општество, што се случува. Претставата е во современ контекст и секој од публиката ќе се пројаде во неа - кажа режисерот Витанов.
Во претставата настапува без малку целиот ансамбл на велешки театар, актерите: Самоил Стојановски, Славица Манаскова, Зорица П. Панчиќ, Кристијан Саздовски, Симона Димковска, Жарко Спасовски, Фаик Мефаилоски, Талија Настова, Благојчо Стојанов, Весна Димитрова Бобевски, Кица Ивковска и Јордан Витанов, сценографијата за претставата е на Филип Витанов, костимите на Катерина Чукниева. Димковска и Стојанов се ново ангажирани актери, неодамна вработени во велешки театар и ова е нивна прва ролја во професионален ансамбл. Тие изразија задоволство за приемот во театарот, за улогата што ја добиле.
Ликот на главниот јунак е тежок лик за играње, бидејќи има многу задачи, многу цели, намери и ми беше огромен предизвик - рече Стојанов.
Прв пат играм во претстава која е комедија и прв пат играм два лика брат и сестра близнаци. За кратко време треба да менувам два лика, да се трансформирам но и да се забавувам - изјави Димковска.
Ми се погоди,да настапувам во два врзани текста, во комедии. Сметав дека овој жанр не ми е фах, но во комедиите во кои настапував добро се пречекав на нозе. За оваа претстава, направивме комедија која ќе има гледаност кај публиката - рече Стојановски.
Кристијан Саздовски е млад велешанец, кој студира на факултетот за драмски уметности ЕСРА и ова е негово прво појавување на сцената и тој се заблагодари што е поканет да биде дел од претставата.
Искусните актери од театарот во претставата имаме улога на искусни бандити, мислам на мене, Кица и Јордан. Тука сме за да направиме некоја згода и незгода - порача Весна Бобевска.
Зорица Панчиќ сабота вечер, на премиерата ќе има посебен повод, ќе одбележи 25 години од дипломирањето а токму со оваа претстава дебитирала како професионалец во велешки театар, неколку месеци подоцна.
Кица Ивковска рече дека лесно ја подготвила претставата, уште на првата проба, играла со жар и големо задоволство.
„Слуга на двајца господари“ е позната и популарна комедија во историјата на светската драма и театар, напишана во 1746 година како типична комедија дел арте. Дејството е сместено во Венеција, а во основата се актерската импровизација и бурлеската со кои се карикираат личности од сите општествени слоеви.
Tweet |