Петар Печков
Објавено: петок, 22 мај 2026
Адријана Јорданова, Бојанка Џипунова Ташова и Елизабета Николовска се просветни работници за 2026 година, додека признанијата за најдобри ученици ги добија Марија Талевски и Лука Коциќ. Наградите ги добија на свеченост која ја организираше Општина Велес, по повод 24 мај денот на сесловенските просветители.
Елизабета Николовска го доби признанието за најдобар наставник во општинските средни училишта, таа е професор по биологија во Гимназијата Кочо Рацин, Бојанка Џипунова Ташова е професор по македонски јазик, предава во ОУ Васил Главинов- таа го доби признанието за предметна настава, додека Адријана Јорданова која е дел од наставниот персонал на ОУ Блаже Конески доби признание за најдобар наставник во одделенска настава.
Признанија добија и најдобрите ученици, во средното образование Лука Коциќ ученик во прва година во Хемиското Димитрија Чуповски и Марија Талевски најдобар ученик во основно образование осмо одделение во ОУ Блаже Коневски.
За секоја категорија одлуките ги носела одделна комисија, која работела по предлозите доставени од училиштата.
Просветните работници кои го одбележуваат 24 мај, денот на Св. Кирил и Методиј, ги поздрави градоначалникот Марко Колев и им честита на добитниците. Потсети дека локалната власт веќе две години ги наградува учениците и нивните професори кои на државни и меѓународни натпревари добија награди за прво, втор и трето место. И ја афирмираше одлуката од есен учениците во основно да добијат бесплатни училишни одела.
„Општината работи максимално на подобрување на образовниот процес. Од есен се надевам ќе обезбедиме за секој ученик работна училишна униформа за да нема класни разлики и помалку главоболка за родителот, како да го облечат детето на школо“ – кажа Колев.
Наградените се заблагодарија поединечно.
„Во градот со богата културна и образована традиција да се добие ова признание е чест , мотив и одговорност. Таа не само моја, туку и на учениците, сите генерации со кои сум работела и освојуваат награди. Нивниот успех е мојот орден. Наградата е и на мојот тандем Велика Милошевска“ – рече Јорданова.
„Голема чест е што сум овде пред вас и со големи емоции ја примам наградата. Таа нека биде поттик за сите нас да создаваме модерно општество, модерни училишта, се со цел да им пренесеме што поголемо знаење на идните генерации“ – рече Николовска.
Бојанка Џипунова Ташова се заблагодари за наградата на нејзините родители и на учениците.
фото Општина Велес
| Tweet |









