речник контакт

Јубилеј 70 години од Бели мугри

Нова биста на поетот Кочо Солев и репринт на неговата „Бели мугри“ се случија изминатиот викенд во Самобор Република Хрватска во чест на 70 години од нејзиното издавање.

Петар Печков

Нова биста на поетот Кочо Солев и репринт на неговата „Бели мугри“ се случија изминатиот викенд во Самобор Република Хрватска во чест на 70 години од нејзиното издавање.
\"\"

Антологиската „Бели мугри“ на Кочо Рацин му донесе бесмртност а јубилејот од  нејзиното издавање потсетување на вредностите на  првата стихозбирка на македонски јазик и можност на повторно воспоставување на мостови на соработка помеѓу Велес, родниот град на авторот и Самобор, местото каде таа печатена. Седумте децении беа повод да се открие нова биста на поетот и револуционер Рацин во Самобор, дело на академик Томе Серафимовски,  што ги собра во голем број почитувачите на неговото дело од Македонија и Хрватска.

\"\"

Бистата на Кочо Солев Рацин ја открија Крешо Бељак градоначалник на Самобор кој рече дека хрватите и македонците имале среќа што не се соседи и немаат граници кои делат и Горан Петров градоначалникот на Велес, за кого ова е историски настан кој дава белег на една генерација Рацинови следбеници и силна алка на поврзување меѓу македонскиот и хрватскиот народ. Подигањето на ваков паметник за Рацин не е само чин на пиетет кон авторот, туку и чин на трајно паметење на неговите дела кој ја извишија Македонија до творештвото на светот, порача академик Георги Старделов, потсетувајќи дека во Хрватска и браќата Миладиновци во 1861 година го издале Зборникот.

\"\"

- Сега во актуелниот миг на живеењето треба да речеме за да разбере сиот свет кој ги вперил очите во Македонија, дека во случајот со Рацин дојде до полн израз нашата философија на историјата, која никогаш немала хегемонистички или завојувачки дух кон други народи или земји, што пак толку долго и до денес се применува кон нас. Наспроти замрачената националистичка свест, полна со нетрпеливост и репетиција на познатите ужаси на Балкански кланици и гробници, Рацин пред 70 години порача, „нема ли срце цел свет да збере и да е за овие гради малечко“ – изјави Георги Старделов претседател на МАНУ. Тој потсети дека преку „Бели мугри“ уште еднаш се покажа дека Македонија во историјата ја одржале нејзините  духовни  творби, кои дале траен, неуништив печат на културата и историјата. Ниту дождливото време не ги спречи почитувачите на делото на Рацин, како и македонците од Хрватска да дојдат и се поклонат на авторот во Самобор, каде таа е отпечатена во печатницата на Драго Шпулер.  

\"\"

- Поетите секогаш спојуваат, тие се мостови меѓу народите. Убаво е што Кочо Рацин денес повторно не спои како и пред седум децении. Оваа биста за Хрватска е убав дар од македонскиот народ, за што сум благодарен за почита кој ни ја укажавте – изјави Милан Могуша претседател на ХАЗУ. „Бели мугри“ била отпечатена во 4 илјади примероци тираж, платена во готово веднаш по подигнувањето на книгата на која името на авторот било според тогашната традиција на комунистичката партија чиј член бил тој, со црвени букви и за прв пат Кочо Солев се потпишува со Рацин, прекар кој го зема според Раца неговата голема љубов. Цената била 5 тогашни динари. Печатењето е завршено на 25 ноември 1939 година, во сабота на пладне, тиражот веднаш разделен низ Македонија, но и Белград, Загреб а веќе по три дена од страна на полицијата книгата е цензурира?а и барана да се уништи. По повод јубилејот во Самобор беше промовиран и репринт  на оригиналното издание на „Бели мугри“ во издание на Заедницата на Македонците од Хрватска.

\"\"

- Македонците отсекогаш биле прогонувани во својата земја, па затоа во Хрватска наоѓале простор каде можат да ги објават своите дела и идеи. Кочо Сочев Рацин пееше за малиот човек од сите страни на светот поради што е голем светски поет, бидејќи создаде спој врз народната литература  со универзални значења и димензии. Неговото учење и школо,  беше неговиот живот – изјави   професор Васил Тоциновски. Во стихозбирката се антологиски 12 песни во кои авторот пее за социјалниот момент на македонскиот работник, што го прави временски неограничен.

\"\"

- Во сите песни од „Бели мугри“ е содржана македонската судбина. Особено кога Рацин пее за непознатиот троб во Битолско поле. Тоа е полето на историјата, каде виулиците и олуите донесувале крв, Балкански кланици, борба за опстанок – изјави проф Огнен Бојаџиски.  Во чест на Рацин и „Бели мугри“ македонците од Хрватска имаа културно-уметничка програма со заеднички настап на друштвата од  Загреб, Пула, Риека, Сплит, Осијек. Содржините од чевствувањето на јубилејот беа финансиски поддржани од Владата на Република Хрватска, градот Самобор и општина Велес.          

\"\"

\"\"

\"\"

\"\"

АНКЕТА »

Дали Општина Велес да се задолжи со 46 милиони денари, за да се изгради покриен Градски пазар?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »