речник контакт

Љубовна практика

Фрагмент од книгата „Уметноста на љубовта“. Ерих Фром

Зоран Николов

… При примената на секое умеење се поставуваат некои општи барања, без оглед на тоа дали се работи за умешност во дрводелството, во медицината или за умешност во љубовта. Како прво, примената на умешноста бара дисциплина. Никогаш нема да бидам добар во ништо ако тоа не го сторам на дисциплиниран начин. Ако направам што и да е само затоа „што тоа ми се допаѓа“, тоа може да биде убаво и забавно хоби, но никогаш нема да станам мајстор во тоа умеење. Меѓутоа , проблемот не е само во дисциплинираното спроведување на некое умеење (да речеме, вежбање секој ден по неколку часа), туку е тоа проблем на дисциплинираност во целиот човечки живот. Некој би можел да помисли дека за модерниот човек ништо не е полесно од дисциплината. Не поминува ли тој осум часа дневно на најдисциплиниран начин на работата која е строго рутинизирана? Меѓутоа, факт е дека човекот поседува многу малку самодисциплина надвор од сферата на работата. Кога не работи, склон е да биде мрзлив, да се отпушти или, да употребиме поубав збор, да мирува. Самата таа желба за мрзливост повеќе е реакција против рутинизираниот живот. Токму затоа што е принуден осум часа дневно да ја троши својата енергија за цели што не се негови и на начин што не е негов, туку произлегува од самиот ритам на работата, тој се бунтува, а неговата побуна добива облик на инфантилно угодување на самиот себеси. Притоа во битката против авторитативноста тој станал недоверлив спрема секоја дисциплина, и спрема онаа што ја наметнал ирационален авторитет и спрема рационалната дисциплина која сами си ја наметнуваме. Без ваква дисциплина, меѓутоа, животот станува раздробен, хаотичен и му недостига концентрација. Речиси не е потребно да се докажува дека за совладување на некоја умешност е потребна концентрација. Тоа добро го знае секој што се обидел да научи некое умеење. Сепак, концентрацијата во нашата култура е поретка дури и од самодисциплината. Напротив, нашата култура води кон растресен и дифузен начин на живот, каков што одвај се наоѓа каде и да е на друго место. Човекот работи многу нешта одеднаш: чита, слуша радио, разговара, пуши, јаде, пие. Човекот е потрошувач со отворена уста, желен и подготвен сé да проголта - слики, пијалак, знаење. Тој недостиг на концентрација јасно се покажува во нашата тешкотија да бидеме насамо со себеси. Да седиш мирно, без разговор, без пушење, читање, пиење, за мнозинството луѓе е невозможно. Тие стануваат нервозни, нестрпливи се и мораат да сторат нешто со своите усти и раце. (Пушењето е еден од симптомите на тој недостиг на концентрација: тоа ги вработува раката, устата, окото и носот). Третиот фактор е трпението. И пак секој што кога и да е се обидел да совлада некоја вештина, знае дека трпението е потребно ако човек сака нешто да постигне. Тој што сака брзи резултати, никогаш нема да научи некоја вештина. Меѓутоа, за модерниот човек, да практикува трпение е толку тешко колку што му е тешко да вежба дисциплина и концентрација. Целиот наш индустриски систем го поттикнува токму спротивното: брзината. Сите наши машини се конструирани за брзина: автомобилот и авионот брзо нé пренесуваат на саканото место - и колку побрзо толку подобро. Машината што може да произведе исто количество за половина од потребното време вреди двапати повеќе од постарата и побавната машина. Се разбира дека постојат важни економски причини за тоа, но, како и во многу други аспекти, економските вредности почнаа да ги определуваат човечките вредности. Тоа што е корисно за машините, мора да е корисно и за човекот - тоа е логиката. Модерниот човек мисли дека нешто губи - време - кога не ги врши работите брзо. Па сепак, тој не знае што да направи со времето, кое толку тешко го заштедува - освен да го убива времето. И најпосле, за да ја совладаме која и да е вештина, тоа совладување мора да ни биде од најголема важност. Ако за ученикот умешноста не е нешто најважно, тој никогаш нема да ја совлада. Во најдобар случај ќе остане дилетант, но никогаш нема да стане и мајстор. Тој услов е нужен за умешноста на љубовта и за кое и да е друго умеење. Сепак се чини дека соодносот меѓу мајсторот и дилетантот во умешноста на љубовта оди во корист на дилетантот значително повеќе отколку што е случај со другите умеења. Морам уште нешто да споменам во врска со општите услови за совладување на умешноста. Човекот не почнува да ја совладува умешноста директно, туку, така да речам индиректно. Човекот мора да научи многубројни други и навидум неповрзани нешта пред да почне да ја учи самата умешност. Столарскиот чирак учи како да го струже дрвото; еден ученик по пијано почнува со вежбање на музичката скала; ученикот по Зеновата умешност на стрелање со лак, почнува прво со вежби за дишење. Ако некој сака да стане мајстор во која и да е умешност, целиот свој живот мора да го посвети на тоа, или со тоа да биде врзан. Човековата сопствена личност станува инструмент во совладувањето на умешноста и мора да биде секогаш подготвена, зависно од специфичните функции што треба да ги врши. Што се однесува до умешноста на љубовта, ова значи дека секој што се стреми да стане мајстор во таа уметност, мора да почне со вежбање на дисциплината, на концентрацијата и трпението во текот на секоја фаза од својот живот...

АНКЕТА »

Дали Општина Велес да се задолжи со 46 милиони денари, за да се изгради покриен Градски пазар?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »