речник контакт

Ќе остане ли Трифун Костовски без титулата почесен граѓанин на Велес

Советниците од владејачката ВМРО-ДПМНЕ ја поддржа иницијативата на здружението ,,Ѕвезда,, кои се навредени од изјава на Костовски

Петар Печков

Започна постапката за одземање на титулата почесен граѓанин на  Велес на Трифун Костовски.  Советниците со мнозинство гласови ВМРО-ДПМНЕ – за, СДСМ – против  го поддржаа барањето на  Здружението на прогонетите од Егејскиот дел на Македонија,,Ѕвезда,,  од Велес  да му се одзеде титулата почесен граѓанин на Трифун Костовски. 

Тие како грев му земаат што на национална ТВ изјавил дека  ,,Егејците биле еден од главните проблеми за нарушување на меѓуетничките односи во државата а поради нив, соживотот бил доведен до работ,,.  

Од Здружението ,,Ѕвезда,, сметаат дека ,, никој нема право ниту основ да врши понижување и омаловажување на цела група граѓани и да ги дели по некаква географска основа и по место на потекло на дедовците и прадедовците,,. 

Според нив во Општина Велес  една третина од жителите во Општината околу 14 илјади лица се со потекло и корени од Егејска Македонија.

Со 12 гласа за, барањето на Здружението   на прогонетите од Егејскиот дел на Македонија,,Ѕвезда,,  од Велес   беше поддржано од страна на мнозинството советници, од позиционата ВМРО-ДПМНЕ. 

Опозициониот  во велешки Совет СДСМ смета дека ,, со важечките и позитивни правни акти и прописи на Советот на Општина Велес не е предвиден начин, постапка и критериуми за одземање на еднаш веќе доделено  Признание за Почесен граѓанин на Општина Велес, не постои правна рамка и пракса за такво нешто,,.

Советниците од владејачката партија ги задолжија  службите од  локалната власт, што поскоро да ја подготват соодветната точка на дневен ред, за  да се донесе одлука за одземање на титулата почесен граѓанин на Трифун Костовски.

Тој по оваа изјава,   јавно се покаја ,, Длабоко се извинувам, до оние кои се почувствувале навредени. Но, мојата совест е мирна. Во мојот исказ немаше никаква задна мисла, ниту пак сакав да ги повредам чувствата на кој било човек, а најмалку чувствата на Македонците од Егејска Македонија,,.

Бизнисменот Трифун Костовски за почесен граѓанин на Општина Велес беше прогласен на 28 февруари 2002-та, поради неговиот посебен придонес за културата и заштитата на националното наследство на Велес и Република Македонија, обнова на црквата Св. Пантелејмон и подари споменици на градот.

АНКЕТА »

Дали имате доволно време да му посветите на Вашето дете/деца?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »