речник контакт

Афоризми - крлевизми

Атанас Крлевски афористичар од Велес , годинава слави редок јубилеј 40 години творештво.Најбесрамна лага навозрасните не сме деца да се лажеме! Ја земав судбината во свои раце. Гледам на кафе

Петар Печков

                     Крлевизми

1. Секој мој афоризам е препишан... од животот!

2. Најбесрамна лага на возрасните: не сме деца да се лажеме!

3. Нема судир на генерации!? Возрасните спијат ноќе, а младите дење.

4. Сакам да ги откупам сите лажни слики за мене. Никој не ги продава.

5. Денес искреноста не е во мода, но јас сум оптимист – модата се враќа.

6. Ме учеа да бидам свој. Сега ме прашуваат зошто не сум како сите?

7. Не е лесно да останеш личен меѓу безличните и дволичните.

8. Мојот Сизифов камен е од стиропор.

9. Мојот карактер тешко се вари, а сите ме јадат.

10. Кој не ме знае, скапо ќе ме плати. Кој ме знае, пет пари не дава за мене.

11. Ја земав судбината во свои раце. Гледам на кафе.

12. Ми го урнаа угледот. Бил дива градба.

13. Не ми е до ништо. Тежам кон тоа!

14. За да одам во чекор со времето, треба да го почекам!

15. Не мора да си сам за да бидеш осамен.

16. Озборувањето е најбрза брза пошта.

17. Тој е колумнист, а жена му трачист!

18. Соседот, на жена му, многу нешта и купува во полн лифт.

19. Откако ќе се најадам, од се ми е доста.

20. Не му работам никому зад грб. Секоја работа на црно, кога – тогаш се открива.

21. Волците ги бранат само бранители по службена должност.

22. Пријателите те гледаат в очи, а непријателите од главата до петиците.

23. Шарко ми е најдобар пријател. Никогаш не ми побарал пари на заем.

24. Немам роковник. Додека го запишам рокот, сум ја завршил работата.

25. Се фокусирам на работата, но фокусот секогаш ми се поместува за утре.

26. Љубовта со пари не се купува, но ова е време на безготовинско плаќање.

27. Најубавата книга која не сум ја прочитал: ЖЕНА.

28. Додека мажите се вртат околу жените, жените го вртат светот.

29. Жените најмалку зборуваат во февруари. Има најмалку денови.

30. Многу жени побрзо го избрале сопругот отколку свадбениот фустан.

31. Ако жената е учебник за мажите, сакам да учам од различни учебници.

32. Ако молчењето е злато, тогаш молчењето на жените е 24-каратно.

33. Парите треба да се трошат разумно. Затоа жените пронашле алтернативни решенија.

34. Современ обичај: низ прстен да те гледам, во контото да ти влезам.

35. Трчајќи по здолништа заврши во Шкотска.

36. Мажите не се цвеќе за мирисање, но и светот не е цветна градина.

37. Многу плитки, имаат длабоки џебови.

38. Да читам во редови ме научи училиштето. Да читам меѓу редови ме научи животот.

39. Не се плашам од промени. Секој ден ја менувам позадината на компјутерот.

40. И покрај моралните норми некои се режијаши.

41. Од сите стари мерки најмногу е во употреба двојниот аршин.

42. Не е се во парите! Дел е и во недвижнините.

43. Безготовинско плаќање е и тоа на рабуш.

44. Зборот му фати место, ама делото не му ја зачува фотељата.

45. Не е важно колку вредиш. Важно е колку ќе те платат.

46. Само за одредени кругови средината е центар.

47. Го прогласија за ударник. Го удираше кој ќе стигне.

48. На полтронот своето јас му е кај шефот.

49. За политиката сум труп. Во партијата служам за секцирање.

50. Јас сум аполитичен. Се е политика!

 

Атанас Крлевски ( 61 год ) афористичар од Велес , годинава слави редок јубилеј - 40 години творештво. Првиот афоризам: ,,Ме прогласија за ударник. Ме удираше кој ќе стигне“, го објавил далечната 1977 год во прилогот Кикс на тогашното студентско списание ,, Студентски збор“.Објавувал и во други весници и списанија, а во сатирично- хумористичното списание Остен имал и своја рубрика Велешки забелешки.

На локалната велешка телевизија Канал 21 објавил околу 700 афоризми во емисијата ,, Граѓаните се жалат“.  Денес афоризми (тој ги ословува како КРЛЕВИЗМИ ) објавува и во печатени и електронски медиуми и портали. Има издадено четири книги афоризми: ,, Крлевизми“, ,,Окрлавени мисли“, ,,Крлук“ и ,,Цветен пазар“, а набрзо ќе излезе од печат и неговата петта книга афоризми ,, Изгоревме под сенка“. Неговите афоризми - Крлевизми , познатиот српски афористичар Александар Чотриќ ги нарекува ,, сатирично азно“.

Литературниот критичар Ана Витанова Рингачева вели: ,,Крлевски е совршен познавач на сензибилитетот на својот народ, тој е прецизен детектор на сите пукнатини на човековата психа, пукнaтини кои ги создале честите потреси од општествените, економски, политички и семејни земјотреси.“

Покрај хумористично-сатиричното творештво , Атанас Крлевски се занимава и со фотографија. Во октомври минатата година во Велес  беше отворена неговата прва изложба на аматерски фотографии, а  неколку можете да видите во прилог.

АНКЕТА »

Дали летово планирате да одите на одмор и ако одите каде?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »