речник контакт

Бакарните олуци од новиот театар и музејот во Велес се крадат

Продолжува серијата кражби на бакар во градот

Петар Печков

Новата театарска зграда и зградата на Музејот од Велес се  цел на крадци. Се крадат бакарните олуци, кои се дел од надворешниот изглед на двата објекти.  Истите потоа завршуваат во откупните центри, каде завршуваат за  мали пари, а на двата објекти се сторени сериозни оштетувања.  Директорите на двете институции ги потврдуваат овие кражби. 

Во повеќе наврати за жал украдени се  метални олуци од новата театарска зграда. Не можам да кажам која им е  користа  на крадците, но знам дека е сторена штета на новиот објект - вели директорот Јордан Витанов.  

И двете згради на Театарот и Музејот се на главните градски улици Благој Ѓорев и 8-ми септември. Тие се осветлени а околу нив  има постојано движење на луѓе. Затоа зачудува начинот на извршувањето на кражбите, но и тоа дека не биле видени и фатени на дело.  Крадците дури имале време и храброст да ги крадат и бакарните основи, поставени на прозорите  од Музјеот. Во велешката полиција   годинава регистрирани се  пет вакви дела, на двете згради.

Во СВР Велес  регистрирани се две кривични дела „кражба“ и едно кривично дело „оштетување туѓи предмети“  од театарот Јордан Хаџи Константинов  Џинот.  Во извршените кривични дела „кражба“ во двата случаја одземени се бакарни олуци, кои биле во склоп на зградата на театарот или биле оставени од градежна фирма која извршува градежни работи, со цел да бидат монтирани на зградата.  При извршување на кривичното дело „оштетување туѓи предмети“ откорнат е бакарен олук кој се наоѓал на зградата на театарот.  Годинава е регистрирано  едно кривично дело „оштетување туѓи предмети“ на два прозора од Народниот Музеј и едно кривично дело „кражба“ кога од зградата на Народниот Музеј во Велес одземен е метален олук - изјавија од  СВР Велес.  

Од полицијата додаваат дека се превземаат мерки за расветлување на  кражбите и  откривање на сторителот. 

АНКЕТА »

Како ќе ја помните годината зад нас, 2019-та?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »