речник контакт

Балкански фестивал на хумор и сатира во Ниш

Меѓу петнаесетината автори учествуваше и велешкиот сатиричар Атанас Крлевски

Петар Печков

Во Ниш се одржи Првиот балкански фестивал на хуморот и сатира “Јужњачка утеха“ на кој учествуваа хумористи, сатиричари и карикатуристи од четири балкански држави – Србија, Бугарија, Македонија и Црна Гора.

Учесниците на фестивалот припаѓаат на “првата сатирична лига“ од нивните земји. Од Бугарија учествуваа: професорот Ганчо Савов, Михаил Вешим, главен уредник на неделниот сатиричен магазин “Стршел“, Јордан Попов, заменик уредник на магазинот и Пламен Мавров, сопственик на издавачката куќа “Хронос“; од Македонија: покрај нашиот сограѓанин Атанас Крлевски, уште и Васил Толевски, главен уредник на магазинот “Остен“, и Мило Ѓорѓиоски; од Црна Гора Саво Мартиновиќ, книжевник и од Србија: Драгутин Миниќ Карло, уредник на “Политика“ и претседател на Секцијата на сатиричари и здружение на книжевници на Србија, Александар Чотриќ, секретар на Секцијата на сатиричари, Тимошенко Милосављевиќ, главен и одговорен уредник на “Народни новини“, Љубодраг Стојановиќ, афористичар од Ниш, Славомир Васиќ, сатиричар како и Александар Блатник и Саша Димитријевиќ, карикатуристи.

Публиката  во Ниш уживаше  во хуморот и  сатирата на сметка на негативностите кои во подеднаква мера се присутни во земјите на учесниците. Тие покажаа дека Балканот не е само извор на судири и нестабилности, туку и дел од Европа во кој се остварува одлична сатира и дека Балканците се луѓе со дух кои знаат да се шегуваат..

Ако треба да се тресе Балканот, подобро е тоа да биде од смеа, отколку од недоразбирања“, порачаа балканските хумористи, учесници на Фестивалот кои добија ветување од организаторот дека тој ќе стане традиционален.

За Нашиот портал, Атанас Крлевски издвои неколку афоризми со кои настапи на Фестивалот:

 Денес животот е скап, но постојат и ефтини работи: животот на пример!
 Знам дека овој свет нема перспектива. Издржувам доживотна робија.

Тешко ми е да живеам од денес до утре. Ќе направам пауза!
 Политиката е курва, но од нешто мора да се живее.
Водачот конечно образложи реален план. Понуди оставка!

Единствена слабост на нашата сегашност: ќе биде минато на нашите деца.
Школството е се поскапо. Вртоглаво растат цените во кафулињата.

 Митото е бесмртен мит!
Учи сине! Зошто уште толку млад да бидеш незапослен?
 Кој има штеди! Кој нема – влегува во минус!

 Младите оправдано не се интересираат за дневната политика. По цел ден спијат.
Семеен бизнис: петмина браќа во пет партии.

Секогаш сме имале напредни идеи. Лудите ни се само моментална состојба.

Баба Мара ќе студира. Неписмена е, ама ќе полага со заокружување.

Имаме светла перспектива. Пред нас е една светлосна година.

АНКЕТА »

Дали попустите за „Црниот петок“ ги оправдаа очекувањата?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »