речник контакт

Баханалии премиерно во велешки театар

Сабота, недела и среда ,,Баханалии,, по текст на Горан Стефановски а во режија на Наташа Поплавска премиерно пред велешани.

Петар Печков

Со вечерашната  ( сабота) премиера на претставата ,,Баханалии,, во режија на Наташа Поплавска а работена по текст на Горан Стефановски,  велешкиот народен театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот‘‘ ќе го одбележи  Светскиот ден на театарот и ќе ја отвори новата  овогодишна театарска сезона. 

Режисерката Поплавска најавува дека  гледачите ќе ги води  низ специфичен начин и поинаков пристап на работа а претставата е наменета за сите слоеви на театарската публика. Го актуелизира жанрот и формата кабаре, преку танцот, песната и  актерската играта.

Направиме претстава која влегува во таканаречениот тотален театар и користиме се што можеме да употребиме и публиката да ги ангажира сите сетила. Блиска е на некогашното кабаре со тоа што технологијата овозможува да вплетеме и уште нешто, тоа е овој пат видеото. Текстот говори  за борбата за власт постојано присутна во драматургијата, секаде во светот  – изјави Поплавска.

Таа актуелноста на текстот не ја гледа само во денешни услови и тука, туку  таа била актуелна и пред 20 години кога ја напишал Стефановски и пред две илјади години кога се корените на мотивите по кои е работена. Васил Зафирчев, актер и уметнички директор на театарот на вчерашната прес-конференција најави дека во неа ќе биде претставен култот на Дионис а кој тој го имал на ова подрачје.
     

Оваа претстава ги користи ликовите од античкиот мит и низ нив раскажува модерна и современа приказна, која се провлекува и тогаш кога е пишуван текстот и денес. Таа е оригинална, интересна, современа претстава која не ја остава публиката рамнодушна – изјави Зафирчев кој настапува во улогата на Дионис и со ова ролја по две годишна пауза се враќа во театарот.

Сценографијата на претставата е на Емил Петров, костимите се на Александар Ношпал, музиката на Џенгис Ибрахим, а кореографијата е на Олга Панго. Во ,,Баханалии,, настапуваат: Маја Љутков, Роберт Ристов, Кица Ивковска Велјановска, Кети Борисовска, Самоил Стојановски, Зорица Панчиќ, Слободанка Чичевска, Весна Димитровска, Едмонд Сотир и Славица Манаскова. Почетокот на премиерата е најавен за 19, 30 часот. На прес конференцијата беше промовирана и веб страницата на велешкиот театар  www.teatarveles.mk .

АНКЕТА »

Колку сте задоволни од настапот на македонските репрезентативци на ЕП во одбојка?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »