Петар Печков
Објавено: сабота, 13 јуни 2026
Повеќе стотина почитувачи на делото на Рацин, денес на денот кога поетот е застрелан му оддадоа почит на Лопушник. Имаше повеќе групи планинари, велосипедисти, мотористи, гости кои одвоија од нивното време, да го посветат на безвременскиот поет, Коста Солев.
Настанот традиционално го посетува делегација на Општина Велес, која во периодот кога општина Кичево не беше организатор, таа беше домаќин на бројните гости.
„Да ја продолжиме славата на еден великан како што е Кочо Рацин, на кого како велешани сме многу горди. Ме радува оваа бројка од неколку стотина и гости денес“ – рече Даниел Јаневски претседател на Советот на Општина Велес.
После 13 години, Општина Кичево повторно го организираше одбележувањето на годишнината од смртта на поетот Косата Солев Рацин, авторот на стихозбирката Бели Мугри.
„Огромно задоволство ми е што дојде време да на ова место се зборува за Рацин од страна на претставник на општина Кичево. Тој е автор кој ги отвори срцата на Македонците ја доловува нивната мака“- кажа Александар Јовановски градоначалник на Кичево.
Тој соопшти дека веќе е започната постапката за обнова на објектите од НОВ на Печатницата, Болницата, кои биле на Лопушник. Тие постоеле до пред три децении но негрижата за нив ги уништила. Во време на владеењето да ДУИ на локално ниво, Општина Кичево не го одбележуваше денот на погибјето на Кочо Солев.
На Лопушник стигнаа и петмината ултра маратонци, кои за четири дена од Велес истрчаа 160 км. до местото на погибјето на Коста Солев Рацин. Утрово на целата стигнаа Зоран Димов, Трајче Михов, Верољуб Додевски заедно со кумановецот Љубиша Андреиќ и скопјанецот Томе Спасовски.
„Ова е наш мал гест за големиот автор, Рацин. Поддршката која ја добивавме каде што трчавме, кога ќе дознаеја зошто трчаме е најголемата награда“ – рече Михов.
И планинарите и велосипедистите од повеќе македонски градови тргнаа од кичевското село Извор во должина од 35 км во еден правец и исто толку назад, додека моторостите со ендуро моторите возеа од Кичево до Лопушпник и назад.
За сите гости Армијата обезбеди бесплатен ручек војничко гравче.
Годинашниот настан е финансиски поддржан од Министерството за култура со годишната програма.
| Tweet |

















