речник контакт

Велес се гради или не, политичка препирка

СДСМ ја прозва локалната власт дека слабо се реализира општинскиот Буџет, градоначалникот Чадиев објаснува Велес се гради како никогаш досега

Петар Печков

Локалниот  СДСМ од Велес на прес конференција,  остро ја нападна локалната власт дека малку од ветеното сработила за оваа година. Нивните забелешки се дека реализацијата на општинскиот Буџет е ниска. Тие јавно  прашаа, зошто тоа што е ветено за годинава, не е исполнето.   

Реализацијата на основниот буџет на Општина Велес е само 46 % за цели девет месеци од 2014 година, или ни половина од ветеното  за годинава, не е извршено.  Ова е сериозен проблем, бидејќи и минатата година реализацијата беше  исклучително ниско ниво од само 44%.  Досега годинава за капитални проекти се реализирани само 30 проценти од предвидените пари за девет месеци, реализирани се само 18 проценти од предвидените пари за урбанистичко планирање. Дури ни 1 процент нема реализација на уредување на просторот во руралните подрачја. Ваквата незаинтересираност на општината за потребите на граѓаните, остави цела една населба, Порцеланка, да се снабдува со вода за пиење од цистерна, затоа што општината сработила само 22 процента од предвиденото за снабдување на вода и 0 проценти за изградба на системи за водоснабдување од планираното за 2014 година – рече Панче Иванов новиот претседател на ОО на СДСМ во Велес, воедно и член на Советот.

Општина Велес ги отфрли обвинувањата на СДСМ кои се однесуваат на реализацијата на Буџетот и работењето на локалната самоуправа воопшто. За градоначалникот Славчо Чадиев  ваквите тврдења се класичен обид за политички маркетинг, претставување на погрешна слика пред јавноста.  Тој вели дека во недостиг на аргументи, изнесените тврдења се обид за прикривање задоволството на велешани за се она што е реализирано.

Во Велес, како никогаш досега, се гради и се создаваат дела исклучиво за потребите на граѓаните. 100-тината реализирани проекти во 2014 година, не` охрабруваат да веруваме дека сме на добар пат. Што се однесува за реализираните приходи и расходи на Општина Велес за првите три квартали во 2014 година, тие се на највисоко ниво од било кога и изнесуваат рекордни 144.983.315 денари како приходи и 141.465.691 денари како расходи – изјави градоначалникот Чадиев.

Тој потсети дека од  капиталните инвестиции во Велес оваа година започна изградбата на фабриката на германската компанија „Маркард” a која  се наоѓа во новоформирана индустриска зона „Караслари” каде што  локалана власт инвестирала значителни средства за нејзино уредување.

Во сработеното е, што за прв пат после 60 години од изградбата на мостот „Гемиџии” истиот бил целосно реконструиран а со тоа опасноста по неговата стабилност трајно е отстранета.  Значајно е што заврши изградбата на водоснабдителниот систем до езерото Младост. Со овој проект чиста вода за пиење ќе добијат и Речани, Башино Село, Отовица, Сујаклари но и други населени места. Комплетно се промени уличното осветлување на целата територија од општината со ново коешто е енергетски ефикасно Потсети и  дека во повеќе велешки села има завршено дел од инфраструктурата, патишта, спортски игралишта, водовод, трафостаници.

АНКЕТА »

Дали летово планирате да одите на одмор и ако одите каде?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »